„Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски по триумфот во Токио, со извонреден прием во Каиро
По освојувањето на Гран При на Гувернерот на Токио, деветтиот филм на Манчевски доживеа извонреден прием на 47. Меѓународен филмски фестивал во Каиро. Светската критика го издвојува филмот како „суптилна поема за оние кои имаат и оние кои немаат“, истакнувајќи ги човечноста, ироничниот хумор и критиката на доцниот капитализам.

По големата победа и освојувањето на главната награда Гран При на Гувернерот во Токио, новиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, продолжи да ниже успеси со извонреден прием на 47. Меѓународен филмски фестивал во Каиро. Прикажан надвор од конкуренција во Официјалната селекција, филмот предизвика бурни и емотивни реакции кај публиката во легендарната Каирска опера.
Финалниот аплауз по проекцијата беше заглушувачки, а по разговорот кој го водеше програмерката Меги Морган, Манчевски одвои време за бројни автограми, фотографии и интервјуа за светските медиуми, вклучувајќи ја и критичарката на „Холивуд репортер“. Овој настан доаѓа како надоврзување на медиумскиот интерес од страна на еминентни изданија како „Variety“, „Deadline“ и „Eye on Cinema“.
Светските медиуми, освен што го фалат кинематографското остварување, опширно известуваат за неколкугодишната борба на Манчевски со македонската „филмска мафија“ и неговото политичко малтретирање поради пријавување корупција во Агенцијата за филм. Тие потсетуваат дека режисерот извојува две судски победи, а доби поддршка од Антикорупциската комисија и „Транспаренси интернешнал“, чиј секретаријат во Берлин објави осврт насловен „Случајот на еден филмски режисер влијае врз нов закон за укажувачи“.
Критиката го издвојува жанровскиот иновативен пристап на Манчевски. За „Cineuropa“, Сузан Готлиб го опиша филмот како „вистинска кулминација во препознатливиот стил на Манчевски“, спој на општествена опсервација и ироничен хумор. Елизабет Кер од „Screen Daily“ го оцени како „сатирична алегорија за нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните“, потенцирајќи дека во фокусот е „урнатиот систем, кој останува зад себе по неисполнетите политички ветувања“. Доминик Ла Виола го опиша како „духовит и емотивен поглед на семејството… спакуван во форма на криминалистичка комедија“, додека Мередит Тејлор од „Filmuforia“ ја нагласи „привлечната, нескротлива човечност“ на протагонистите.
Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Филип Трајковиќ и Соња Михајлова, чии изведби беа оценети како „извонредни“. Ова е деветти долгометражен игран филм на Манчевски, кој во 2026 година го промовираше и својот документарец „Добри луѓе“, чии приходи се наменети за жртвите од трагедијата во Кочани.
Филмот е меѓународна копродукција поддржана од национални филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија, како и македонски компании меѓу кои „Дајнерс клуб“, „Тиквеш“, „Витаминка“ и „Окта“. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија е Италијанецот Стефано Фаливене, а автор на музиката Игор Василев Новоградска.







