
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска реагираше на обвинувањата на премиерот Христијан Мицкоски дека шират паника во врска со случајот „Алта банка“, посочувајќи дека токму тој е во паника бидејќи знае дека ќе одговара за внесувањето на „Вучиќевата пералница на пари“ во земјава. Преку соопштение до јавноста, од опозициската партија изнесоа детаљна хронологија на настаните поврзани со Алта групацијата и нејзиниот сопственик Давор Мацура.
Според СДСМ, уште во 2023 и 2024 година, Европската централна банка и австрискиот регулатор реагирале на обидите на Алта група да ја преземе Addiko банка, суспендирајќи го правото на глас поради тајно заедничко дејствување. Тие потсетуваат и на одбивањето на преземањето во Црна Гора во октомври 2025 година, кога Централната банка ги заштитила интересите на пазарот, како и на забраната за влез на Мацура во оваа земја од причини на национална безбедност во октомври 2026 година.
„Прашањето е едноставно, дали СДСМ ширеше паника во Европа, Црна Гора, Србија или Мицкоски е во паника затоа што знае дека ќе одговара затоа што ја донесе Вучиќевата пералница на пари во Македонија?“, прашуваат од партијата.
Во соопштението се нагласува дека, и покрај сите овие случувања и сомнежите за потеклото на капиталот, Мицкоски вршел притисок за дозвола банката да влезе во Македонија преку купувањето на Стопанска банка Битола, а дополнително го овозможил и купувањето на осигурителната компанија ЗОИЛ Македонија АД Битола. „Владата на Мицкоски праќа укажување на јавни претпријатија да одлучат за преземање акции од страна на Алта банка“, додаваат од СДСМ.
Осврнувајќи се на најновите случувања во Србија, каде на Алта банка АД Белград ѝ беше одземена дозволата и отворен стечај, а Мацура беше уапсен под сомнеж за изнесување на 380 милиони евра, СДСМ ја спореди ситуацијата со реакцијата на македонските институции. Тие истакнуваат дека по тврдењата на гувернерката на НБРМ дека сè е во ред, во рок од 24 часа била воведена принудна управа во Алта банка АД Битола. На крајот, СДСМ го повика Јавното обвинителство да реагира: „Обвинителството мора да реагира. Дадовте заклетва на граѓаните, не на оваа мафија. Ако продолжите да ја чувате бандата, ќе одговарате заедно со неа.“










