Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Брисел оствари средба со Герт Јан Копман, генерален директор на Директоратот за проширување и источно соседство при Европската комисија.
Како што информираше премиерот, во фокусот на разговорите биле европската перспектива на Македонија, напредокот во реформските процеси и следните чекори на државата кон полноправно членство во Европската Унија.
„Нашата определба за членство во Европската Унија е јасна и недвосмислена. Македонија заслужува европска иднина, заснована на принципиелни односи, почитување и заштита на националните интереси, како и доследно спроведување на реформите во интерес на граѓаните“, порача Мицкоски по средбата со Копман.
Тој додаде дека Владата продолжува со посветена работа на исполнување на реформската агенда и водење одговорна политика со јасна визија за европска, стабилна и просперитетна Македонија.










