
Во рамките на јубилејниот проект со кој познатата битолска група „Фолтин“ одбележува 30 години постоење, објавена е петтата епизода од албумот „FOLTIN RE:COMPOSED“. Овој пат, младата македонска алтернативна група „Луфтанза“ ја обработи песната „Купидон“, донесувајќи нов звучен израз без да ја наруши душата и оригиналниот дух на композицијата.
Новата верзија, насловена како „Купидон (Re:Lufthansa)“, веќе е премиерно достапна за слушање на платформата Јутјуб, како и на сите останати дигитални стриминг-платформи.
Серијалот „RE:COMPOSED“ носи нови изведби и преработки на препознатливите песни на „Фолтин“ од страна на домашни музички уметници и бендови. Според концептот на оваа дигитална кампања, секое понеделничко утро новите синглови имаат своја радио-премиера на „Метрополис Радио Мрежа“, по што веднаш следува нивна дистрибуција преку платформата „Filter Label“.
По завршувањето на серијата дигитални изданија, целиот материјал од проектот „Re:Composed“ ќе добие и свое физичко издание на винил, во соработка со продукцијата „Пасворд Продукција“ (Password Production). За визуелниот идентитет на проектот се задолжени Зоран Кардула за дизајнот и Гоце Веселиновски за анимацијата.
Редакција Брц








