
Јавно прозивање на Обвинителството кое претставува скандалозен и неприфатлив притисок врз правдата е вистинската позадина на денешната реакција на коалицијата ВЛЕН. Ова го тврдат од Демократската унија за интеграција (ДУИ) во нивното најново соопштение до јавноста, оценувајќи дека владејачката коалиција преку политички прогон се обидува да го камуфлира сопствениот целосен неуспех.
Според партијата, меѓународната заедница во континуитет известува за притисокот што Владата го врши врз судството и обвинителството, а денешниот потег на ВЛЕН, како што велат, само ги потврдува овие сомневања. Од ДУИ посочуваат дека и Извештајот на Европската Унија недвосмислено предупредува на политичко мешање во владеењето на правото, нагласувајќи дека институциите мора да одлучуваат исклучиво врз основа на закон и докази, а не по партиски директиви. Тие додаваат дека оваа загриженост, вклучително и денешната изјава на политичкиот ривал, веќе ја пренеле до нивните меѓународни пријатели.
Наместо да се мешаат во работата на правосудните органи, од ДУИ ги повикуваат претставниците на ВЛЕН да почнат со расчистување во сопствените редови. Во таа насока, од опозициската партија ги посочуваат Изет Меџити и Висар Ганиу за наводна штета од над 250 милиони евра преку диви градби, како и Бурим Латифи за оштетување на буџетот од над 19 милиони евра, споменувајќи го и Недим Рама.
Острата реакција на интегративците доаѓа како директен одговор на претходното соопштение од коалицијата ВЛЕН.
ВЛЕН: Дали Артан Груби ја купува слободата со тајните на ДУИ додека Обвинителството одолговлекува?
Во него, ВЛЕН го повика Обвинителството да објасни зошто со „полжавски чекори“ го води случајот „Лотарија“ и зошто сè уште нема обвинение против поранешниот вицепремиер Артан Груби. Владејачката коалиција јавно праша дали Груби ја купува својата слобода преку откривање на тајните на ДУИ, со оглед на тоа што на 22 август му истекува максималниот рок за мерката куќен притвор.






