ВЕСТИЕДНАКВИИМПУЛССВЕТ
Во тренд

Едно лице со попреченост на секои 50 вработени: Бахамите го менуваат законот

Владата на Бахамите предлага значително зајакнување на законските обврски за вработување и пристапност за лицата со попреченост. Според нацрт-измените на Законот за еднакви можности за лицата со попреченост, работодавачите би требало да вработуваат најмалку едно квалификувано лице со попреченост на секои 50 вработени, а новите јавни објекти не би можеле да добијат одобрение доколку не ги исполнуваат пропишаните стандарди за пристапност.

Предлогот претставува значително проширување на постојните правила. Законот од 2014 година во моментов се однесува на работодавачи со повеќе од 100 вработени и бара најмалку еден процент од нивната работна сила да бидат квалификувани лица со попреченост. Со новиот модел, практично се воведува обврска од најмалку два процента и се опфаќаат и значително помали компании.

Предлог-измените ги објави Министерството за здравство и благосостојба на Бахамите во рамките на јавна консултација што заврши минатата недела. Станува збор за нацрт-закон, што значи дека предложените решенија сè уште не се конечни и може да бидат изменети пред да стигнат до парламентарно усвојување.

Заштита и за оние што ќе стекнат попреченост додека се вработени

Една од поважните новини се однесува на луѓето кои ќе стекнат попреченост откако веќе се вработиле.

Доколку работникот поради новонастанатата попреченост повеќе не може да ја извршува првичната работа, работодавачот би требало да разгледа негово прераспоредување на друго соодветно работно место, во согласност со законските прописи.

Истовремено, Одделот за труд и Националната комисија за лица со попреченост би требало да водат податоци за квалификациите, вештините и обуките на лицата кои бараат работа, со цел полесно поврзување со потенцијални работодавачи.

Нема одобрение за нова јавна зграда без пристапност

Предлогот носи и построги правила за физичката пристапност.

План за нов јавен објект не би можел да биде одобрен ако зградата не ги исполнува стандардите за пристапност утврдени од Националната комисија за лица со попреченост.

Со тоа пристапноста треба да стане дел од самиот процес на проектирање и одобрување, наместо проблемот да се решава дополнително, откако објектот веќе ќе биде изграден.

Постојниот закон веќе бара објектите отворени за јавноста да бидат приспособени за лицата со попреченост и да имаат означени паркинг-места. Новите измени би вовеле и казна од 250 долари за непрописно користење паркинг-место резервирано за лица со попреченост.

Посилна заштита од злоупотреба

Нацрт-законот првпат би го дефинирал и злоупотребувањето на лице со попреченост како посебен прекршок.

Опфатени би биле физичка, сексуална, психолошка, емоционална и финансиска злоупотреба, како и експлоатација, занемарување и напуштање.

Како психолошка злоупотреба се наведуваат повторувани навреди, исмевање, закани и нарушување на приватноста, слободата или безбедноста на лицето. Финансиската злоупотреба би вклучувала неоправдано лишување од средства неопходни за негова грижа и благосостојба.

Предвидено е и значително зголемување на казните. За одредени прекршувања максималната парична казна би достигнувала 10.000 долари, а можна би била и затворска казна до 12 месеци.

Поголеми права за корисниците на сервисни животни

Измените дополнително ги прецизираат правата на лицата кои користат сервисни животни.

Тие би требало да имаат право да влегуваат со сервисното животно во јавни објекти, услуги и други простори, како и во изнајмени станбени објекти. Правилата „не се дозволени домашни миленици“ би морале да бидат приспособени кога станува збор за обучено сервисно животно што му е потребно на лице со попреченост.

Предлог-законот има амбиција да ја модернизира правната рамка и да ја помести политиката од формално признавање на правата кон нивно практично спроведување.

Сепак, токму спроведувањето останува клучното прашање. „The Tribune“ забележува дека дел од обврските од постојниот закон од 2014 година со години не биле доследно применувани. Затоа ефектот на новите правила нема да зависи само од тоа колку се амбициозно напишани, туку и дали институциите ќе обезбедат нивна реална примена.

Поврзани вести

Back to top button