ВЕСТИИМПУЛССВЕТ

Нова ескалација во Заливот: Бахреин пресретна ирански дронови, Техеран тврди дека цел била американска база

Бахреин утрово пресретна и уништи ирански дронови насочени кон кралството, во нова ескалација на судирот меѓу Иран и САД што сè повеќе ги вовлекува американските сојузници во Персискиот Залив. Бахреинските одбранбени сили подоцна соопштија дека нивните системи реагирале на повеќе ирански воздушни напади, јавува АП.

Националниот комуникациски центар на Бахреин соопшти дека противвоздушната одбрана успешно ги пресретнала и уништила дроновите и дека системите остануваат во целосна готовност.

Армијата подоцна ги предупреди граѓаните да не се приближуваат до сомнителни предмети или остатоци од пресретнатото оружје и веднаш да ги пријават кај надлежните служби.

Бахреинските власти ги обвинија иранските сили дека со употребата на ракети и дронови ги загрозуваат цивилите.

До моментот на објавување нема потврдени информации за загинати или повредени во Бахреин.

Иран: Цел била базата Шеик Иса

Техеран дава поинакво објаснување за целта на нападот.

Иранските воени власти тврдат дека со дронови биле нападнати радарски инсталации и позиции на американските сили во воздухопловната база Шеик Иса во Бахреин.

Базата се користи и од американските сили, а Бахреин е еден од најважните американски воени партнери во Заливот.

Сепак, тврдењето на Иран дека американски воени капацитети биле успешно погодени засега не е независно потврдено. Ниту Бахреин ниту американските власти не објавија потврда за штета или жртви во базата.

Напади и кон Јордан и Кувајт

Нападот врз Бахреин е дел од поширока серија ирански удари кон земји во регионот каде се распоредени американски сили.

Пред нападите врз Бахреин, Иран истрела ракети кон Јордан и дронови кон Кувајт. Според властите во двете земји, нападите биле пресретнати.

Обединетите Арапски Емирати претходно соопштија дека пресретнале и ирански дрон над своите територијални води.

Со тоа за само неколку дена во иранските напади или обиди за напади се најдоа повеќе американски сојузници во регионот.

Последната ескалација доаѓа по повеќе од еден месец релативно намалување на директните воени судири.

САД повторно нападнаа цели во Иран

Американската Централна команда CENTCOM, соопшти дека американските сили ја завршиле најновата серија напади врз ирански воени цели.

Според американската страна, погодени биле позиции на Револуционерната гарда, системи за противвоздушна одбрана, радари, поморски средства, капацитети за поставување мини и комуникациска инфраструктура. Вашингтон тврди дека нападите биле одговор на обидите на Иран да нападне комерцијални бродови и американски војници во регионот.

Иран одговори со нови ракетни и дронски напади врз американски и сојузнички цели.

Во исто време, иранските власти тврдат дека во еден од американските напади во јужен Иран била погодена куќа во која се одржувала свадба. Според иранските официјални лица, загинале најмалку пет лица, меѓу кои и дете, а најмалку 68 биле повредени.

Американската војска соопшти дека е запознаена со извештаите, но нагласи дека не цели цивили.

Нафтата повторно над 95 долари

Новата ескалација веднаш се одрази и врз енергетските пазари.

Цената на Brent се искачи над 95 долари за барел, што според AП е повеќе од 30 проценти над нивото од почетокот на војната.

Причината е повторната загриженост за Ормутскиот Теснец.

Пред избувнувањето на сегашниот конфликт низ овој тесен морски коридор минуваше околу една петтина од светската нафта со која се тргува, а сообраќајот и натаму е далеку под нормалното ниво.

Затоа нападот врз Бахреин е значаен и надвор од непосредниот воен контекст.

Доколку размената на удари меѓу Иран и САД продолжи да се шири кон Бахреин, Кувајт, Јордан и другите земји во Заливот, ризикот е локализираните напади повторно да преминат во поширок регионален конфликт со директни последици за цените на енергенсите, поморскиот транспорт и глобалната економија.

Ј. Ѓ.

 

Поврзани вести

Back to top button