Европскиот стандард за дигитална пристапност EN 301 549 е ажуриран со нови барања кои треба да овозможат веб-страниците, софтверот и дигиталните документи да бидат полесни за користење за лицата со попреченост. Новата верзија го воведува WCAG 2.2 како идниот европски репер за дигитална пристапност.
Новата верзија, EN 301 549 v4.1.1, беше објавена пред неколку дена, а најзначајната промена е преминот од стандардот WCAG 2.1 кон поновите насоки WCAG 2.2, соопшти на 7 септември европскиот центар AccessibleEU, кој работи под Генералниот директорат за правда и потрошувачи на Европската комисија.
Полесна навигација и користење без глувче
Ажурирањето носи шест нови барања за пристапност. Меѓу нив се подобра видливост на елементите при навигација со тастатура, можност функциите кои бараат влечење со глувче да се извршат и на поедноставен начин и минимални димензии или доволно растојание меѓу копчињата и другите интерактивни елементи.
Овие промени се особено важни за лица со моторни попречености, кои може да имаат тешкотии при прецизно користење глувче или екран на допир. Новите правила предвидуваат и поконзистентно поставување на опциите за помош, избегнување непотребно повторно внесување на исти податоци и попристапни начини за автентикација на корисниците.
Стандардот се однесува не само на веб-страници, туку и на софтвер и дигитални документи. Организациите се повикуваат да ги проверуваат и PDF и Office документите и да ги приспособат процесите за тестирање на пристапноста.
Новиот стандард сè уште не е законска референца
Иако промената ја покажува насоката во која се движи европската политика за дигитална инклузија, новата верзија сè уште не е официјалниот правен стандард за докажување усогласеност со Европскиот акт за пристапност и Директивата за веб-пристапност.
За тоа е потребно Европската комисија формално да го наведе EN 301 549 v4.1.1 во Службениот весник на Европската Унија. Дотогаш правната референца останува верзијата од 2021 година, базирана на WCAG 2.1.
Сепак, AccessibleEU препорачува институциите, компаниите и организациите уште сега да почнат да ги приспособуваат своите веб-страници, документи, процедури за набавки и тестирање, бидејќи WCAG 2.2 е определен како идната основа за дигитална пристапност во Европа.
Редакција Брц










