В недела граѓански протест во Скопје по убиството на 17-годишната Билјана
Иницијативата „Ниту една повеќе!“ најави граѓански протест в недела во Скопје против фемицидите и институционалното насилство, по убиството во Богданци.

Неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“ за в недела (8 ноември) најави граѓански протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста, кој ќе започне во 12 часот во паркот „Жена Борец“ во Скопје.
Поводот за маршот, како што информираат од иницијативата, е последниот случај на фемицид во Богданци, каде од својот партнер беше убиена 17-годишната Билјана Кириќ. Активистите посочуваат дека овој случај повторно го покажал институционалното непостапување и негрижа, потенцирајќи дека жртвата претходно пријавила насилство и закани по живот, за што биле изречени и заштитни мерки.
„Не прифаќаме институционалното непостапување да се нормализира, ниту убиствата на жени да се третираат како изолирани трагедии и љубовни драми. Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, порачуваат од иницијативата.
Протестната рута ќе започне од паркот „Жена Борец“, ќе продолжи покрај Собранието и Министерството за правда, а ќе заврши пред Министерството за образование и наука.
Организаторите излегоа со четири конкретни барања до институциите:
-
Целосна и транспарентна истрага за убиството на Билјана и одговорност за секој институционален пропуст за да се дознае зошто заштитата изостанала.
-
Итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кои се поднесени во Собранието уште во август.
-
Итно враќање на поимот „род“ во сите закони, упатства и програми од кои е избришан, со укажување дека бришењето на терминот ја поткопува борбата против родово базираното насилство.
-
Разрешување од јавни функции и раководни позиции на сите лица кои го оправдуваат, нормализираат насилството врз жените или повикуваат на контрола врз нив.
Од иницијативата децидно нагласуваат дека протестот е исклучиво граѓански и дека партиски претставници, обележја, знамиња и настапи не се добредојдени. Тие ги повикаа политичките партии да ги искористат своите институционални механизми за да ги исполнат барањата, наместо да го користат протестот за партиска промоција.










