Недостигот од информации од руските власти за смртта на вработена во истражувачка лабораторија во Сибир, што предизвика сомнежи за можен случај на белодробна чума, повторно ја отвори дебатата за долгогодишната практика на тајност во Москва кога станува збор за здравствени кризи и вонредни настани.
Според Асошиејтед прес, руската служба за јавно здравје Роспотребнадзор ја известила Светската здравствена организација (СЗО) дека во Иркутската област не е регистриран случај на чума. Властите соопштија дека починатата лабораториска работничка заболела од пневмонија со „непознато потекло“ и дека тестовите не покажале присуство на патогени со кои работела во Истражувачкиот институт против чума во Иркутск.
СЗО, сепак, побара од Русија дополнителни информации за причината за тешката пневмонија, за патогенот што ги поттикнал здравствените мерки и за медиумските извештаи дека уште еден вработен бил хоспитализиран со пневмонија од неутврдена причина.
Асошиејтед прес наведува дека ограничените официјални информации околу случајот потсетуваат на советската традиција на тајност при справување со заразни болести, несреќи и други кризни ситуации.
Како примери се наведуваат неколку значајни настани од советската и руската историја.
Во 1959 и 1960 година, по внесување на сипаници од Индија во Москва, советските власти спровеле масовна карантинска и вакцинална кампања во која биле вклучени милиони луѓе. Иако странските медиуми известувале за операцијата, советските државни медиуми молчеле, а деталите станале познати дури во последните години од постоењето на СССР.
Друг пример е епидемијата на сипаници во 1971 година во регионот на Аралск, поврзана со тестирање на биолошко оружје на остров во Аралското Море. Според АП, јавноста со децении не знаела за инцидентот, кој станал пошироко познат дури во 2002 година по објавување на архивски документи.
Во 1979 година, пак, истекување на антракс од тајна лабораторија во тогашен Свердловск предизвикало смрт на најмалку 68 лица. Советските власти официјално ја обвиниле загадената храна, додека вистинската причина била признаена дури по распадот на Советскиот Сојуз.
АП потсетува и на катастрофата во Чернобил во 1986 година, кога советските власти доцнеле со информирањето на јавноста и евакуацијата на населението по експлозијата на нуклеарниот реактор. Податоците за здравствените последици и бројот на жртви долго време биле предмет на цензура.
Во поново време, слични обвинувања за недоволна транспарентност се појавија и за време на пандемијата на Ковид-19. Независни медиуми и меѓународни организации тврдеа дека бројот на починати е значително поголем од официјално објавениот, што руските власти во тоа време го отфрлаа.
Професорката по политички науки Џуди Твиг од Универзитетот „Вирџинија Комонвелт“ оцени дека рускиот систем може да ја ограничи достапноста на информации, но не и целосно да ја контролира јавната перцепција.
„Системот може да замолчи, но не е доволно способен да координира, па наместо единствена верзија на настаните создава противречности“, изјави Твиг во писмен коментар за АП.










