
Граѓаните на Скопје од денеска имаат на располагање нова дигитална алатка за пријавување еколошки проблеми преку официјалното лансирање на паметната еко-платформа „ЕкоСкопје“, информираат од здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД).
Според соопштението од организаторите, платформата е достапна на веб-страницата ekoskopje.skopje.gov.mk и овозможува граѓаните да пријават проблем преку приложување фотографија и точна локација. Од ЛЕАД појаснуваат дека пријавите се евидентираат во системот и се проследуваат до соодветните градски служби, по што се ажурира нивниот статус, со цел подобра и поорганизирана комуникација. Оваа платформа е резултат на младинска идеја развиена преку проектот „SkopYEAH!“, во соработка со Град Скопје и со финансиска поддршка од Европската Унија.
Официјалната промоција се одржа денеска во „Europe House Скопје“, каде претставникот на Европската комисија, Еваут Сандкер, истакна дека покрај технологијата, неопходно е и менување на однесувањето на граѓаните кон околината. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги повика скопјани да ја користат алатката, потенцирајќи дека трудот на младите заслужува признание и дека е обврска на институциите нивните предлози да добијат примена. На настанот се обрати и извршниот директор на ЛЕАД, Иван Јованов, додека членот на победничкиот тим, Андреј Божиновски, ја претстави функционалноста на веб-платформата пред присутните.










