Отчет на Ѓорѓиевски за една година мандат: Скопје го менува ликот со капитални инвестиции во сообраќајот, екологијата и јавниот простор
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски даде отчет за првата година. Намалени долгови кај јавните претпријатија, нови 100 автобуси, градски воз и капитални инфраструктурни проекти.

По една година откако ја презеде функцијата, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, пред граѓаните даде детален отчет за сработеното, нагласувајќи дека градот конечно застанува на нозе. Во опсежното обраќање, тој ги презентираше клучните остварувања во областа на финансиите, инфраструктурата, сообраќајот, екологијата и јавната хигиена, посочувајќи дека девастираното Скопје добива нов лик.
Финансиска консолидација – Намален долгот за стотици милиони денари
Како приоритет во првата година Ѓорѓиевски ја истакна финансиската стабилизација на градот кој наследил долг од речиси 300 милиони евра. Град Скопје успеа да ги намали тековните обврски за над 322 милиони денари, како и дополнителни 743 милиони денари по основ на кредити и изгубени судски постапки. Долговите драстично се намалени и кај сите јавни претпријатија: „Водовод и канализација“ бележи намалување за 1,66 милијарди денари, ЈСП за 634 милиони, а „Комунална хигиена“ за 122 милиони денари. Институциите како Музејот на Град Скопје и ДКЦ сега се целосно раздолжени, додека МКЦ и Зоолошката градина значително ги намалија своите обврски.
Инфраструктурен подем низ сите скопски општини
Градоначалникот потенцираше дека е постигнат најдобриот втор квартал во историјата на Скопје според реализацијата на капиталните проекти. Привршува проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ до Драчево, како и сложената клучка на Момин поток. Забрзано се работи на првата подземна сообраќајница во градот – булеварот „Македонија“, која Ѓорѓиевски вети дека ќе биде завршена до крајот на неговиот мандат. Во Карпош се гради мостот меѓу „Љубљанска“ и „Скупи“, се расчистува трасата за булеварот АСНОМ во Ќерамидница, а нови асфалти веќе добија клучни улици во Гази Баба, Аеродром и Ѓорче Петров.
Ревитализација на јавниот превоз
Во сообраќајот се бележи сериозен напредок. Благодарение на Владата, од 1 септември функционира градскиот воз на релација Зелениково – Скопје. Ѓорѓиевски најави дека конечно се отстранети пречките за реализација на БРТ системот (брз автобуски превоз), со модификација според која постојното зеленило нема да се сече. Истовремено, по една деценија, завршена е набавката за нови 100 еколошки автобуси кои наскоро ќе се вклучат во сообраќајот, а возилата на ЈСП веќе реализирале заштеда од половина милион евра за гориво во првите шест месеци.
Екологија и комунална хигиена
Ѓорѓиевски информираше дека пристигнала првата пратка од 3.300 нови контејнери купени по двојно пониска цена, а со поддршка од премиерот Христијан Мицкоски се набавени нови специјални комунални возила. Започнат е процесот на затворање на депонијата „Вардариште“, каде ќе никне мега парк од 600.000 квадрати. Градот активно подига уште 200.000 квадратни метри ново зеленило низ повеќе општини. Во Трубарево забрзано се гради новата пречистителна станица за отпадни води, еколошки проект од историско значење за реката Вардар, чија реализација достигна 40 проценти.
Млади, спорт и дигитализација
Градската администрација ги модернизираше сите средни училишта со нови лаборатории, паметни табли и опрема, обезбедувајќи по еден лаптоп за секој првенец на генерацијата. Во делот на спортот, реконструирани се терените на кејот на Вардар, а целосно е ревитализирана и култната сала „Расадник“ во Кисела Вода. Градоначалникот се осврна и на дигиталната трансформација, споменувајќи ги платформата „Еко Скопје“ за пријавување еколошки проблеми и дигитализацијата на даночните решенија преку порталот DanociEPay.
На крајот од отчетот, Ѓорѓиевски порача дека програмата за која ја добил довербата ќе биде исполнета во целост. „Скопје го очекува вистинска преродба со поддршка на Владата. Ќе работиме и ќе истраеме сè додека промената не стигне до секое маало и додека градот не ја врати својата гордост!“, заклучи градоначалникот.










