ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

В недела граѓански протест во Скопје по убиството на 17-годишната Билјана

Иницијативата „Ниту една повеќе!“ најави граѓански протест в недела во Скопје против фемицидите и институционалното насилство, по убиството во Богданци.

Неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“ за в недела (8 ноември) најави граѓански протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста, кој ќе започне во 12 часот во паркот „Жена Борец“ во Скопје.

Поводот за маршот, како што информираат од иницијативата, е последниот случај на фемицид во Богданци, каде од својот партнер беше убиена 17-годишната Билјана Кириќ. Активистите посочуваат дека овој случај повторно го покажал институционалното непостапување и негрижа, потенцирајќи дека жртвата претходно пријавила насилство и закани по живот, за што биле изречени и заштитни мерки.

„Не прифаќаме институционалното непостапување да се нормализира, ниту убиствата на жени да се третираат како изолирани трагедии и љубовни драми. Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, порачуваат од иницијативата.

Протестната рута ќе започне од паркот „Жена Борец“, ќе продолжи покрај Собранието и Министерството за правда, а ќе заврши пред Министерството за образование и наука.

Организаторите излегоа со четири конкретни барања до институциите:

  1. Целосна и транспарентна истрага за убиството на Билјана и одговорност за секој институционален пропуст за да се дознае зошто заштитата изостанала.

  2. Итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кои се поднесени во Собранието уште во август.

  3. Итно враќање на поимот „род“ во сите закони, упатства и програми од кои е избришан, со укажување дека бришењето на терминот ја поткопува борбата против родово базираното насилство.

  4. Разрешување од јавни функции и раководни позиции на сите лица кои го оправдуваат, нормализираат насилството врз жените или повикуваат на контрола врз нив.

Од иницијативата децидно нагласуваат дека протестот е исклучиво граѓански и дека партиски претставници, обележја, знамиња и настапи не се добредојдени. Тие ги повикаа политичките партии да ги искористат своите институционални механизми за да ги исполнат барањата, наместо да го користат протестот за партиска промоција.

Поврзани вести

Back to top button