ВЕСТИЕДНАКВИИМПУЛССВЕТ

За 2,5 милијарди луѓе асистативната технологија значи независност: ОН усвои историска резолуција

Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои со консензус првата резолуција во својата историја посветена конкретно на пристапот до асистивна технологија, поставувајќи го прашањето за достапноста на инвалидски колички, слушни помагала, протези, комуникациски уреди, читачи на екран и други технологии во пошироката глобална агенда за образование, работа, здравство, социјална заштита и еднакво учество во општеството.

Резолуцијата „Access to Assistive Technology“, со ознака A/80/L.110, беше усвоена на 2 септември на 80. сесија на Генералното собрание. Иницијативата ја предводеше Пакистан, а документот беше усвоен без гласање, со консензус на земјите-членки.

Претставувајќи ја резолуцијата, пакистанскиот амбасадор во ОН Асим Ифтихар Ахмад ја опиша асистивната технологија како средство што може да ја направи разликата меѓу „зависност и независност“ и „исклученост и учество“.

Неговата порака ја отсликува суштината на проблемот: асистивната технологија не е луксузен додаток, туку за милиони луѓе е предуслов за одење на училиште, вработување, комуникација, движење и самостоен живот.

Повеќе од 2,5 милијарди луѓе имаат потреба од асистивна технологија

Според Светската здравствена организација, повеќе од 2,5 милијарди луѓе во светот денес имаат потреба од најмалку еден асистивен производ. Поради стареењето на населението и растот на незаразните заболувања, до 2050 година бројката се очекува да надмине 3,5 милијарди луѓе.

Асистивната технологија опфаќа многу поширок спектар отколку што обично се подразбира под „помагало“.

Тоа се инвалидски колички и други средства за мобилност, протези, ортози, бели стапчиња, очила и слушни апарати, но и комуникациски уреди, софтвер за препознавање говор, титлување, читачи на екран и дигитални решенија за лица со когнитивни, комуникациски или други функционални потреби.

Проблемот е што потребата и пристапот се драматично нерамномерни.

Заедничкиот глобален извештај на СЗО и УНИЦЕФ процени дека речиси една милијарда деца, возрасни лица со попреченост и постари лица кои имаат потреба од асистивна технологија немаат пристап до неа. Во одредени земји со ниски приходи пристап имаат само околу три проценти од луѓето на кои технологијата им е потребна.

За споредба, во некои земји со високи приходи потребите се задоволуваат кај до 90 проценти од корисниците.

Што бара новата резолуција?

Резолуцијата не се ограничува само на повик државите да купуваат повеќе помагала.

Од земјите се бара да создаваат услови за одржлив пристап до квалитетна и финансиски достапна асистивна технологија, особено за луѓето кои се изложени на најголем ризик да бидат исклучени.

Документот ги охрабрува државите да развиваат национални стратегии и листи на приоритетни асистивни производи, да инвестираат во истражување и иновации, да собираат подобри податоци за потребите на населението и да воспостават поефикасни системи за набавка.

Особено значајно е што резолуцијата инсистира во процесот на носење одлуки директно да учествуваат луѓето кои ја користат асистивната технологија.

Тоа е во согласност со поширокиот пристап на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост: политиките што се однесуваат на нивниот живот да не се создаваат без нивното ефективно учество.

Резолуцијата ја поставува асистивната технологија како хоризонтално прашање, поврзано со образованието, вработувањето, здравството, социјалната заштита и целосното и ефективно учество во општеството.

Токму ова е една од најважните промени во пристапот.

Инвалидска количка, на пример, нема да обезбеди вистинска независност ако училиштето или работното место не се пристапни. Слушниот апарат сам по себе не го решава проблемот ако нема соодветна аудиолошка услуга, одржување и поддршка. Комуникацискиот уред нема целосна вредност ако луѓето околу корисникот не знаат како да комуницираат со него.

Оттука, СЗО одамна предупредува дека пристапот не значи само поседување производ, туку цел систем составен од политики, производи, услуги, обучен кадар и учество на самите корисници.

Посебен фокус и на војни и катастрофи

Новата резолуција го отвора и прашањето за пристапот до асистивна технологија во хуманитарни кризи, вооружени конфликти и природни катастрофи.

Ова е особено важно бидејќи луѓето можат да ги изгубат своите инвалидски колички, протези, слушни апарати или комуникациски уреди при евакуација, а хуманитарните системи често немаат механизам брзо да ги заменат.

Лицата со попреченост во Непал бараат инклузивно спасување по катастрофалните поплави

Без такво помагало, човек кој претходно бил независен може преку ноќ да стане целосно зависен од туѓа помош.

Проблемот е препознаен и во рамките на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Податоци презентирани во ОН покажуваат дека 39 проценти од лицата со попреченост би имале големи тешкотии или воопшто не би можеле да се евакуираат во ситуација на опасност или хуманитарна криза.

ЕУ ја поддржа резолуцијата, но имаше и забелешки

Резолуцијата беше усвоена со консензус, но Европската Унија јавно изрази резерви за делови од конечниот текст.

Во образложението на позицијата, ЕУ соопшти дека жали поради отстранувањето на референците кон Светската здравствена организација и поради послабата формулација за универзалната здравствена покриеност во споредба со претходните верзии.

Унијата нагласи дека СЗО ја смета за „централен столб на глобалната здравствена архитектура“, но сепак се приклучи кон консензусот и ја поддржа резолуцијата.

Оваа забелешка е важна бидејќи СЗО со години е една од главните институции што ја развива глобалната политика за асистивна технологија.

Всушност, во 2018 година Светското здравствено собрание веќе ја усвои резолуцијата WHA71.8 за подобрување на пристапот до асистивна технологија. Новината сега е што прашањето првпат добива посебна резолуција и на ниво на целото Генерално собрание на ОН и се поставува надвор од исклучиво здравствениот контекст.

Од медицинско помагало кон право на учество

Токму тука лежи и поширокото значење на новата резолуција.

Лицето на кое му е потребна инвалидска количка не ја бара само за да се движи. Количката може да значи можност да оди на училиште, да стигне до работното место, да купува самостојно, да гласа или да учествува во јавниот живот.

Слично е со слушните апарати, комуникациските уреди, читачите на екран или протезите.

Заменик-генералната секретарка на ОН Амина Мохамед уште при објавувањето на глобалниот извештај на СЗО и УНИЦЕФ нагласи дека „пристапот до асистивна технологија е човеково право“ и предуслов за еднакви можности и учество.

Новата резолуција сама по себе нема преку ноќ да обезбеди количка, слушен апарат или комуникациски уред за секое лице на кое му е потребен. Резолуциите од овој тип на Генералното собрание не создаваат автоматски обврзувачки национални права ниту директно финансираат услуги.

Но тие поставуваат меѓународен политички стандард.

По усвојувањето на A/80/L.110, пристапот до асистивна технологија повеќе не е претставен само како здравствено или социјално прашање. ОН го поставуваат како предуслов за образование, работа, независност, достоинство и целосно учество во општеството.

За повеќе од 2,5 милијарди луѓе во светот на кои денес им е потребна некаква форма на асистивна технологија, токму претворањето на тој принцип во конкретни национални политики ќе биде вистинскиот тест за значењето на историската резолуција.

Редакција Брц

 

Поврзани вести

Back to top button