ВЕСТИВИДИГИТАЛИМПУЛС

Антропик воведува читливи ознаки за содржината генерирана од ВИ на Клод

Компанијата Антропик (Anthropic) го потпиша Кодексот на практики за транспарентност на содржината генерирана од вештачка интелигенција според член 50(2) од Законот за вештачка интелигенција на Европската Унија. Како обезбедувач на генеративни ВИ модели и системи, компанијата ги објави плановите за спроведување на овие обврски преку воведување машински читливи ознаки кои ќе даваат корисни информации за потеклото на содржината што ја консумираат луѓето. Новите модели на Клод (Claude), лансирани во ЕУ на или по 2 август 2026 година, ќе поддржуваат машински читливо означување од самиот почеток, објави компанијата Антропик преку официјално соопштение.

Како функционира двојниот систем на означување?

Означувањето ќе функционира преку две комплементарни техники, односно невидливи водени жигови вградени во текстот и потпишани метаподатоци за потекло прикачени на датотеките. Кога поддржан модел ќе генерира текст, тој ќе вметне незабележлив воден жиг кој нема да го промени значењето, квалитетот или читливоста на одговорот. Бидејќи жигот е дел од самиот текст, тој ќе остане присутен при копирање и лепење на друго место и може да опстане дури и при одредено уредување, а ќе се применува на ниво на модел. За генерираните датотеки, како што се форматите .svg, .png или .jpg, Клод ќе прикачи метаподатоци според отворениот стандард на Коалицијата за потекло и автентичност на содржината (C2PA). Овој стандард се користи низ целата индустрија за бележење информации за потеклото, а присуството на потпишана етикета сигнализира дека датотеката била обработена од Клод и овозможува откривање на евентуални манипулации.

Машински читливите ознаки ќе се применуваат на излезот од поддржаните модели на Клод насекаде низ светот, вклучувајќи ги платформите Claude Platform (API), Claude, Claude Code, Claude Cowork и Claude Tag. Овие ознаки ќе бидат присутни и кога моделите се користат преку партнерите во облак како AWS, Google Cloud или Microsoft Foundry, иако поддршката за метаподатоци може да варира во зависност од функциите на секоја платформа. Во однос на постарите модели лансирани пред 2 август 2026 година, законот предвидува преоден период, а компанијата работи на додавање поддршка за означување и за нив. Антропик најави дека ќе им помогне на корисниците и на трети страни во откривањето на овие ознаки преку претстојна техничка документација, со што ќе се проверува дали одреден текст или датотека носи поддржана ознака.

Откривањето на ознака не ја кажува целата приказна

Иако ознаките обезбедуваат важни сигнали, од компанијата потенцираат дека тие имаат свои ограничувања и нивното откривање не ја потврдува целосната историја на потеклото. „Клод можеби не е оригиналниот автор. Луѓето често го користат Клод за лекторирање, преведување, сумирање или конвертирање датотеки. Излезот може да носи ознака на Клод дури и ако основните идеи, текст или податоци потекнуваат од друг извор“, се наведува во објавата. Исто така, отсуството на откриена ознака не значи нужно дека содржината не е генерирана или обработена од вештачка интелигенција, особено ако текстот бил силно уреден, парафразиран, многу краток или ако метаподатоците биле отстранети преку конверзија и слики од екранот. На крајот, од компанијата им порачуваат на програмерите кои градат производи со нивната технологија самостојно да проценат што бара членот 50 за нивните услуги, најавувајќи технички насоки кои ќе им помогнат во исполнувањето на обврските за транспарентност.

Редакција Брц

Поврзани вести

Back to top button