ВЕСТИМАКЕДОНИЈАСКОПЈЕ

Герасимовски на Канал 5: Од првиот момент бевме на терен, сега следува финансиска поддршка за оштетените

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, гостуваше во емисијата „Вести плус“ на Канал 5, каде зборуваше за активностите на општината по силното невреме што ја зафати општината, како и за јавниот повик за финансиска помош на граѓаните и правните лица кои претрпеа материјални штети, соопштуваат од Општина Центар.

„Веднаш по невремето излеговме на терен и веднаш го свикавме Кризниот штаб. Од првиот момент сите служби беа целосно мобилизирани и се работеше деноноќно. Благодарен сум на сите вработени и служби кои со огромна посветеност работеа на расчистување на последиците и обезбедување на безбедноста на граѓаните“, истакна Герасимовски.

Тој посочи дека приоритет биле итните интервенции за отстранување на опасностите на терен.

„Отстранувавме опасни лимови, расчистувавме паднати дрвја, интервениравме со механизација на повеќе локации и постојано ги следевме приоритетите на терен. Најважно ни беше да ја обезбедиме безбедноста на граѓаните и што побрзо да ја нормализираме состојбата“, рече Герасимовски.

Во гостувањето градоначалникот информираше дека денеска е објавен и Јавниот повик за доделување еднократна парична помош за штетите предизвикани од невремето.

„Јавниот повик ќе трае два месеци. Право да аплицираат имаат физички и правни лица кои имаат недвижен имот на територијата на Општина Центар, а кои претрпеле штети на кровни конструкции и фасади. Формиравме комисија составена од претставници на Советот и општинската администрација, со цел постапката да биде целосно транспарентна и објективна“, нагласи Герасимовски.

Тој ги повика сите граѓани кои ги исполнуваат условите да аплицираат во предвидениот рок, посочувајќи дека сите информации, потребната документација и начинот на аплицирање се јавно достапни на веб-страницата на Општина Центар.

„Нашата обврска не завршува со расчистувањето на последиците. Продолжуваме да им помагаме на граѓаните и преку институционална и финансиска поддршка, затоа што во вакви ситуации најважни се брзата реакција, солидарноста и грижата за секој граѓанин“, порача Герасимовски.

Back to top button