Ахмети со порака за Илинден: Наместо инклузивност, се враќа логиката на доминација и Албанците се маргинализираат

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по повод државниот празник 2 Август упати порака во која истакнува дека Крушевскиот дух бил повик за држава на еднаквост, но предупредува дека денес земјата се оддалечува од тој идеал преку континуирана маргинализација на Албанците.
Ахмети посочува дека наместо партнерство, во државата повторно се враќа логиката на доминација. Според него, Албанците сѐ повеќе се исклучуваат од државните институции, дипломатијата, безбедносниот сектор, правосудството и процесите на одлучување.
Тој предупредува дека Охридскиот мировен договор постојано се поткопува преку напади врз албанскиот јазик и укинување на механизмите за правична застапеност.
„Нападите врз службената употреба на албанскиот јазик, укинувањето на механизмот што гарантираше правична и соодветна застапеност, нападите и слабеењето на механизмот за заштита од мајоризација, непочитувањето на реалноста утврдена со пописот на населението, селективната правда и промовирањето на моноетнички концепт на државата се сериозни сигнали за насоката во која се движи земјата“, се наведува во пораката на Ахмети.
Критики до албанските партнери во власта
Лидерот на ДУИ упати и остри критики до, како што вели, одредени албански претставници кои ги овозможуваат овие политики, обвинувајќи ги дека без легитимитет од народот избрале потчинување пред власта наместо да ја бранат волјата на граѓаните.
И покрај тоа, Ахмети потенцира дека определбата на Албанците останува иста – заедничка, унитарна, демократска и европска Северна Македонија во која државата подеднакво им припаѓа на сите нејзини граѓани, додавајќи дека само преку меѓусебна почит и искрено партнерство може да се изгради сигурна иднина.








