Политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегоа со спротивставени тврдења за економската состојба во државата. Додека опозициската СДСМ, повикувајќи се на податоци од Евростат, обвинува за најнизок животен стандард, владејачката ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ребалансот на Буџетот за 2026 година е доказ за одговорно работење и носи зголемени капитални инвестиции.
СДСМ: Македонија е на дното со најслаба куповна моќ во Европа
Од СДСМ преку соопштение истакнаа дека податоците на Евростат ја потврдуваат економската мизерија по две години власт на Христијан Мицкоски. Според нив, зад Македонија нема друга земја, а пред нас се наоѓаат држави како Босна и Херцеговина, Турција, Црна Гора и Србија.
„Додека Мицкоски зборува за ‘трета економија во Европа’, ‘поголем раст од ЕУ’ и за ‘економско чудо’, Евростат ја покажува реалноста: каква трета економија, какво економско чудо, Македонија е на дното. Евростат ја објави реалноста дека македонските граѓани живеат полошо од сите граѓани во Европа“, се наведува во соопштението на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ: Капиталните инвестиции растат за 14,5 проценти со новиот ребаланс
Во одговор на критиките, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека ребалансот на Буџетот за 2026 година е развоен и инвестира во иднината. Од партијата информираат дека вкупните приходи се зголемуваат за 4,575 милијарди денари (1,2%), а расходите за 11,6 милијарди денари (2,8%).
Иако дефицитот изнесува 4,1 процент од БДП, од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека капиталните расходи се зголемуваат за 5,814 милијарди денари, односно за 14,5 проценти.
„СДС повторно се обидува да ја сведе дебатата на една бројка, дефицитот. Секој денар од дополнителниот фискален простор е насочен кон инвестиции што создаваат работни места. Тоа не се бројки на хартија, тоа се нови патишта, железничка инфраструктура, водоводи, канализации, училишта, градинки и болници. Овој ребаланс ќе се мери по завршените проекти, а не по прес-конференциите на СДС“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Двете партии остануваат на целосно различни позиции во однос на економијата, при што опозицијата ги критикува владините политики како неуспешни врз основа на европската статистика, додека власта најавува дека економските резултати ќе се рефлектираат преку реализирани инфраструктурни проекти.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека политиките на Владата довеле раст на економијата за 3,5 проценти, што е за два проценти повеќе од растот во Европската Унија. Тој денеска одговарајќи на новинарско прашање кажа дека кредитот кој Владата го зеде од Унгарија бил добар двигател на економијата и довело до пораст на бруто домашниот производ.
Ј. Ѓ.










