
Изгледа дека „љубовниот папрат“ би можел да се врати на филмските платна. По повеќе од две децении, во подготовка е продолжение на култната романтична комедија „How to Lose a Guy in 10 Days“, а ѕвездата од оригиналниот филм, Кејт Хадсон, е веќе вклучена во проектот, пренесува Си-Ен-Ен.
Хадсон, која во оригиналот од 2003 година ја играше новинарката Енди Андерсон, ќе го продуцира новото продолжение за студиото „Парамаунт“ (Paramount) заедно со Стејси Шер, искусна продуцентка позната по наградуваните филмови како „Евтини приказни“ (Pulp Fiction), „Ерин Брокович“ и „Django Unchained“.
Во оваа рана фаза на развој, студиото е во потрага по сценарист. Сѐ уште останува отворено прашањето дали Хадсон и Метју Меконахи, кој го играше шармантниот маркетинг-експерт Бенџамин Бери, ќе ги репризираат своите главни улоги.
Отворени за враќање, доколку сценариото е добро
Оригиналниот филм, кој заработи речиси 180 милиони долари ширум светот, ја следеше новинарката Енди во нејзиниот експеримент да натера маж да раскине со неа за 10 дена, додека Бенџамин истовремено се обложува со шефот дека може да ја натера да се заљуби во него. Резултатот беше урнебесна и неизвесна романса, а жолтиот свилен фустан на Хадсон стана култен визуелен момент во поновата кинематографија.
Во изминатите години, двајцата актери позитивно реагираа на прашањата за можно продолжение.
„Сè зависи од сценариото и дали на Метју и мене ќе ни се допадне. Мислам дека двајцата сме целосно отворени за идејата, само што досега не се случило“, изјави Хадсон во 2024 година.
Пред само неколку недели, Меконахи откри дека токму ова е неговата омилена романтична комедија на која некогаш работел, истакнувајќи дека филмот е „подарок што не престанува да дава“ бидејќи сѐ уште му ги носи најдобрите пасивни хонорари од авторски права.
Веста за ова продолжение доаѓа во време на голема носталгија во Холивуд, само неколку месеци по огромниот бокс-офис успех на „Ѓаволот носи Прада 2“, кој ја врати оригиналната актерска екипа. Покрај тоа, студиото „Парамаунт“ моментално е во процес на спојување со „Ворнер Брос. Дискавери“ (WBD), што може дополнително да го забрза развојот на ваквите профитабилни франшизи.
