
Украинските напади врз магацините на „Вајлдберис“, најголемата руска онлајн трговска платформа, почнаа сериозно да се прелеваат врз пошироката руска економија, погодувајќи франшизни партнери, продавачи, банки и десетици илјади мали компании кои зависат од нејзината логистичка мрежа, објави денеска Ројтерс. Според анализа на агенцијата на сателитски снимки, најмалку 1,18 милиони квадратни метри магацински простор, повеќе од една петтина од вкупниот капацитет на компанијата, се оштетени или уништени.
Од 18 јули Украина речиси секоја ноќ напаѓа објекти на „Вајлдберис“ низ Русија. Околу 20 локации биле погодени, а нападите предизвикале големи пожари, уништиле цели магацини со стока и ја нарушиле логистичката мрежа на компанијата на огромната руска територија. Во нападите загинале најмалку 13 лица.
Од профитабилен бизнис до загуба за само три недели
Еден од примерите што ги наведува Ројтерс е Василиј Климов, сопственик на франшизен пункт на „Вајлдберис“ во Москва. Неговиот бизнис за само три недели преминал од стабилно работење во загуба, а сега се обидува да го продаде.
Климов е еден од операторите на околу 98.000 пунктови за подигнување на нарачки во Русија и соседните земји. Според него, продажбата во изминатиот месец паднала за околу 50 проценти поради драматично намалениот број испораки. Дневниот број пакети во неговиот пункт се намалил од околу 400 на приближно 150.
Последиците не се ограничуваат само на франшизните пунктови. Десетици илјади мали и средни фирми ја користат платформата за продажба на своите производи и во голема мера зависат од магацините и дистрибутивната инфраструктура на „Вајлдберис“.
Една петтина од магацинскиот капацитет погодена
Ројтерс, врз основа на сателитски снимки, проценува дека оштетен или уништен е најмалку 1,18 милиони квадратни метри магацински простор. Тоа претставува повеќе од 20 проценти од капацитетот на компанијата.
Значењето на „Вајлдберис“ за руската економија е далеку поголемо од обичен интернет-продавец. Заедно со другите големи платформи за електронска трговија, секторот обработува стоки и услуги со вредност еквивалентна на околу 8,5 проценти од руската економија, што ја прави логистичката инфраструктура на овие компании системски важна.
„Тајм“ исто така наведува дека „Вајлдберис“, често нарекуван „руски Амазон“, има централна улога во потрошувачката економија и тесни врски со финансискиот сектор.
Страв од банкроти кај малите фирми
Руската Сбербанк веќе предупредила дека можеби ќе мора да ги зголеми резервите за потенцијални загуби од кредити, откако нападите ја влошиле кредитната способност на дел од онлајн-продавачите. Околу 300 компании побарале реструктурирање на своите кредити.
Извор близок до Кремљ за Ројтерс оценил дека ударот ќе го почувствуваат многу мали и средни претпријатија кои немаат директна врска со војната и предупредил на можен бран банкроти. Според него, потенцијалните загуби се мерат во стотици милијарди рубљи.
Кремљ веќе разгледувал можности за државна поддршка, меѓу кои заеми преку државни банки, даночни олеснувања и субвенции за „Вајлдберис“ и погодените продавачи.
Над 3.100 пунктови понудени на продажба
Како индикатор за притисокот врз франшизните партнери, Ројтерс наведува дека повеќе од 3.100 пунктови на „Вајлдберис“ биле огласени за продажба на платформата „Авито“.
Компанијата соопштила дека вовела попусти, одложување на плаќањата и почнала со доброволни компензации за повеќе од 97.000 продавачи кои претрпеле загуби во нападите.
Модниот бренд „Фин Флер“, на пример, изгубил производи во вредност од повеќе од 100 милиони рубљи, околу 1,24 милиони долари, кога украински дронови предизвикале пожар во магацинот во Електростал, источно од Москва.
Киев тврди дека магацините се дел од воената логистика
Украина тврди дека „Вајлдберис“ се користи како канал за снабдување со производи со воена и двојна намена, меѓу кои опрема за ноќно гледање, торби за муниција, шлемови и компоненти што можат да се користат за производство на дронови. Киев ги опишува нападите како дел од поширока кампања за зголемување на економската цена на војната за Москва.
„Вајлдберис“ и Кремљ ги отфрлаат овие тврдења и велат дека компанијата не ја снабдува руската армија. Основачката и извршна директорка Татјана Ким ги нарече нападите акти насочени кон цивилна инфраструктура.
Можен притисок врз инфлацијата и каматните стапки
Економските последици може да бидат пошироки и од директните загуби на трговците. Гувернерката на Централната банка на Русија, Елвира Набиулина, изјавила дека банката ќе следи дали прекините во снабдувањето ќе се претворат во дополнителен инфлациски притисок.
Економистката Елина Рибакова од Киевската школа за економија и Институтот Петерсон во Вашингтон оценува дека ваквите шокови на понудата може да го усложнат намалувањето на каматните стапки во Русија. Во услови на слаба економска активност и сè уште висока инфлација, дури и релативно ограничен прекин во снабдувањето може да влијае врз монетарната политика.
Анализата на „Чатам хаус“ оценува дека нападите врз „Вајлдберис“ претставуваат нова фаза во украинската стратегија, бидејќи товарот на војната сè повеќе се пренесува врз приватниот сектор и обичните руски потрошувачи. Според тинк-тенкот, само првичните проценки за штетата од првиот бран напади се движеле меѓу 1,9 и 3 милијарди долари.
Редакција Брц










