„Битола – град за сите!“: Граѓаните бараат решенија за град без пречки за лицата со попреченост
„Она што за еден граѓанин е лесен и прооден пат, за друг може да биде сериозна пречка. Затоа многу идеи и предлози досега реализиравме токму тргнувајќи од потребите на граѓаните и така ќе продолжиме.“ Со оваа порака градоначалникот Тони Коњановски ја поздрави иницијативата со која граѓани од различни возрасти и лица со попреченост денеска ја истражуваа Битола во рамките на Европската недела на мобилност.
Настанот насловен „Битола – град за сите!“ се одвиваше во два дела. Во првиот дел за мапирање на мобилноста, основци, средношколци и студенти заедно со своите ментори детектираа кои градски патишта се проодни, а каде постојат пречки што треба да се подобрат. Во вториот дел им се придружија велосипедисти, корисници на тротинети, постари лица и лица со попреченост. Активностите завршија пред Офицерскиот дом, каде преку споделување искуства се креираше „Визија за Битола“ за порамноправно и побезбедно движење.
Коњановски истакна дека локалната самоуправа неуморно работи на подобрување на уличната инфраструктура, потсетувајќи дека Општината објави повик за искористување средства за адаптација и пристапност во домовите на лицата со попреченост. Тој додаде дека Битола за првпат доби велосипедски патеки во должина од пет километри, а во тек е работа и на нови траси, нагласувајќи дека целта на денешната активност не е само да се лоцираат проблемите, туку да се слушнат предлози за реални решенија.
Денешната акција истовремено овозможи во реални услови да биде тестирана нова апликација за мапирање, која врз основа на повратните информации од граѓаните дополнително ќе се подобрува. Од Општината упатија благодарност за развојот на апликацијата до авторот Валентин Стојановски, како и до организациите и проектите „Smart CityZen“, „Гринстарс“, „European Researchers’ Night“, Хабот за тројна транзиција и УКЛО КОЛОРС кои ја поддржаа иницијативата.










