
По катастрофалните поплави што однесоа стотици животи и уништија населби и инфраструктура во Непал, Националната федерација на лицата со попреченост на Непал – NFDN побара спасувачките операции, распределбата на помошта и идната обнова од самиот почеток да бидат организирани така што ќе бидат пристапни и за лицата со попреченост. Федерацијата во позициониот документ објавен на 30 август предупредува дека тие не смеат да останат на маргините на хуманитарниот одговор и бара нивните организации директно да учествуваат во носењето одлуки.
Поплавите од 26 август тешко ги погодија областите Расува, Нувакот и Дадинг по течението на реките Ботекоши и Тришули. Последните извештаи покажуваат дека во Непал и соседниот Тибет загинаа повеќе од 900 луѓе, додека илјадници сè уште се водат како исчезнати, а спасувачките операции продолжуваат во тешко достапните области.
Но, NFDN предупредува дека во една катастрофа не се сите луѓе изложени на ист ризик. Лице кое користи инвалидска количка можеби не може самостојно да ја напушти куќата кога пристигнува бранот. Глуво лице може да не слушне сирена за опасност, слепо лице може да има потреба од поддршка при движењето низ разрушен простор, а лице со интелектуална или психосоцијална попреченост може да има потреба од појасни информации и дополнителна поддршка при евакуацијата.
Токму затоа Федерацијата бара системите за предупредување и јавните информации да се обезбедуваат преку повеќе канали и во различни пристапни формати – едноставен јазик, аудио, голем текст, визуелни материјали и непалски знаковен јазик каде што е потребно.
17.249 лица со попреченост живеат во трите најпогодени области
Според пописот од 2021 година, во Расува, Нувакот и Дадинг живееле вкупно 17.249 лица со попреченост, или околу 2,7 проценти од населението во овие три области. Во Расува биле евидентирани 1.293 лица со попреченост, во Нувакот 6.939, а во Дадинг 9.017.
NFDN нагласува дека овие бројки се само почетна статистичка основа и не претставуваат број на лица со попреченост директно погодени од сегашната катастрофа. За да се утврди тоа, потребни се брзи проценки на теренот и идентификување на индивидуалните потреби. Дополнителен проблем е што природните катастрофи можат да предизвикаат нови привремени или трајни попречености кај повредените преживеани.
Количката или слушниот апарат може да останат под урнатините
Во ненадејна евакуација луѓето често го напуштаат домот со она што можат да го земат во неколку секунди. За лицата со попреченост тоа може да значи губење инвалидски колички, патерици, бели стапчиња, слушни апарати, комуникациски уреди, лекови или друга опрема што им е неопходна за секојдневно функционирање.
Затоа NFDN бара поправката и замената на помагалата да бидат дел од основниот хуманитарен одговор, заедно со пристап до лекови, рехабилитација, третман на повреди и психосоцијална поддршка. Федерацијата посебно бара при евакуацијата да им биде овозможено на лицата да ги земат со себе неопходните помагала и, кога е потребно, лицето што им обезбедува лична поддршка.
Пристапни засолништа, тоалети и места за поделба на помош
Проблемите не завршуваат со извлекувањето од опасната зона. Привремените засолништа, пунктовите за храна и вода, здравствените пунктови и тоалетите, според NFDN, мора да бидат физички пристапни или да обезбедуваат разумно приспособување.
Ако некој поради попреченоста не може да стигне до пунктот за распределба на помошта, треба да постои можност помошта да му биде доставена или во негово име да ја подигне лице од доверба. Федерацијата предупредува и на дополнителните безбедносни ризици за жените и девојчињата со попреченост, децата со попреченост, лицата со интелектуална или психосоцијална попреченост, глувослепите лица и оние што зависат од лична асистенција.
„Да не се изградат повторно истите бариери“
Едно од клучните барања се однесува на периодот по завршувањето на спасувачките операции. Кога ќе започне обновата на уништените куќи, училишта, здравствени установи, јавни згради, патишта, системи за вода и санитарни објекти, NFDN бара да се применуваат стандарди за пристапност и принципите на универзален дизајн.
Со други зборови, обновата не треба само да го врати она што постоело пред поплавите, туку да ги отстрани и бариерите што постоеле уште пред катастрофата. Тоа значи пристапни влезови и патеки, употребливи санитарни јазли, достапен јавен превоз, системи за предупредување што можат да ги користат и лица со сензорна попреченост и јавни услуги што се достапни за различни групи граѓани. Федерацијата бара и средствата наменети за инклузија и пристапност во процесот на обнова да бидат јасно буџетирани, следени и контролирани.
„Ништо за нас без нас“ и во време на катастрофа
Особено барање на NFDN е организациите предводени од лица со попреченост да имаат формално место во механизмите што ќе го координираат спасувањето, хуманитарната помош и реконструкцијата.
Федерацијата има повеќе од 350 организации членки низ Непал и веќе располага со локални организации во областите погодени од поплавите. Тоа, според документот, овозможува тие да помогнат при идентификувањето на лица на кои им е потребна дополнителна поддршка, да пријавуваат бариери и да ги поврзуваат граѓаните со спасувачките, здравствените и хуманитарните служби.
NFDN предлага и отворање привремен центар за координација за лицата со попреченост, брза проценка на состојбата на теренот и систем преку кој ќе се евидентираат изгубени помагала, потреба од лична асистенција, транспорт или комуникациска поддршка.
Владата на Непал веќе ги активираше спасувачките и хуманитарните механизми и упати меѓународен повик за помош, наведувајќи дека покрај итното спасување, долгорочната рехабилитација на погоденото население е еден од главните предизвици по катастрофата.
Пораката на организациите на лицата со попреченост е дека пристапноста во таква ситуација не е дополнителна услуга што може да се воведе подоцна. Таа може да одлучи дали некој навреме ќе го добие предупредувањето, ќе успее да се евакуира, ќе стигне до засолниште, ќе добие лекови и помош – и дали по катастрофата ќе може рамноправно да се врати во секојдневниот живот.
Редакција Брц










