ВЕСТИСКОПЈЕСЦЕНА

Концерт на Игор Џамбазов, електронска музика и бесплатен превоз од ЈСП: Утревечер се одржува „Бела ноќ 2026“

Скопје утре (3 октомври) по 22-ри пат ќе биде домаќин на културната манифестација „Бела ноќ“, а еден од централните музички настани ќе биде концертот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“, информираат од ЈУ „Универзална сала“.

Настапот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“ ќе се одржи на платото пред Националната опера и балет (МОБ) на плоштадот „Мајка Тереза“. Според најавите од организаторите, програмата на оваа локација започнува уште во 18:00 часот со содржини наменети за најмладите, по што вечерта ќе продолжи со музички настапи за повеќе генерации.

Паралелно со централниот настан, манифестацијата која се реализира во организација на Град Скопје и ЈУ „Универзална сала“, нуди програма на повеќе локации низ градот. Љубителите на електронската музика ќе можат да ја проследат програмата кај фонтаната „Лотос“, каде што ќе настапат диџеите Flooder, Vaso, Vecky и Invistoz. Низ градот ќе се одржуваат и бројни изложби, перформанси и отворени настани во музеите и галериите.

Од ЈУ „Универзална сала“ соопштуваат дека за полесно движење и поголема достапност на настаните, обезбеден е бесплатен јавен превоз преку ЈСП за сите граѓани почнувајќи од 18:00 часот. Дополнително, во рамките на манифестацијата ќе има и бесплатен влез во Зоолошката градина во Скопје.

Влезот за сите настани од програмата на „Бела ноќ“ е бесплатен.

Поврзани вести

Back to top button