
Единаесеттото издание на традиционалниот „Фестивал на чај“ ќе се одржи од 30 октомври до 1 ноември на приземјето во Скопје Сити Мол, ставајќи го фокусот на ароматичната моќ на билките. Повеќе од 30 сертифицирани билкари, чајни мајстори, креатори на тинктури и љубители на чај од земјава и странство ќе им понудат на посетителите ретка можност за дегустација и откривање на различни вкусови кои ја слават природата. Фестивалот и оваа година успешно ја спојува традицијата со едукацијата и современите практики, нудејќи богата програма на работилници, панел-дискусии и уметнички перформанси кои ги претставуваат билките низ призмата на македонското традиционално билкарство, но и преку меѓународните искуства.
Во фестивалската понуда со свои производи ќе се претстават бројни изложувачи, меѓу кои La Soy&LaCha, Билна Аптека „Матија“, Роза Канина Ресен, Ливан Херба, Ignea Cosmetics, ЛАВИТА АГРО, Happy пчелни производи, EKO восочни обвивки, Health Shop Macedonia и многу други креатори на природна козметика и медови производи. Свое учество ќе земат и Ботаничката градина, Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ), како и Институтот „Конфуциј“ при УКИМ. Тридневната програма започнува во петок, на 30 октомври, со настанот „Македонска чајна софра: Допир до сите сетила“ во 18 часот, кој нуди патување низ приказните за македонските билки, проследен со презентација на македонски планински чај од Маврово преку „Моја фарма – Тумчевиште“, настап на виолинистката Пламенка Трајковска и запознавање со традиционалниот гостиварски ритуал „Сучење врвки“. Истата вечер, од 19 часот, Институтот „Конфуциј“ ќе одржи традиционална кинеска церемонија на чај збогатена со инструментален перформанс и танц.
Викендот носи дополнителни едукативни и културни содржини. Во сабота, на 31 октомври, од 13 часот ќе се одржи „Чајанка“ со словенечкиот амбасадор Грегор Прескер, по што ќе следат панел-дискусии за шумите како бизнис-екосистем и моќта на билките низ призма на женското претприемаштво и стартап-иницијативите. За најмладите е предвидено креативно катче збогатено со пчеларската и уметничка работилница „Медена приказна“. Неделната програма, на 1 ноември, започнува на пладне со едукативната работилница „Што јадат пчелите“, а од 13 часот посетителите ќе можат да уживаат во кинеска дегустација на чај, проследена со калиграфија и хартиена техника.
Овогодинешното издание, кое нуди спој на дегустации, културно наследство и едукација, е во организација на Центарот за истражување и промоција на природата и културата „Експедиција ПРИРОДА“ / МРК Дијалог во соработка со Скопје Сити Мол.










