
Албанскиот премиер Еди Рама оцени дека протестите што во изминатите месеци се одржуваат во Албанија покажуваат дека земјата функционира како „нормална европска земја“, а во интервју за британскиот медиум „UnHerd“ тврдеше и дека алгоритмите на социјалните мрежи одиграле значајна улога во мобилизирањето на демонстрантите, објави Албанската телеграфска агенција АТА.
Рама направи разлика меѓу актуелните демонстрации и протестите од јуни, оценувајќи дека во последните протести има поголемо учество на опозициски партии и политички групи, вклучително и сили од крајната левица и крајната десница. За јунските протести, пак, рече дека биле помасовни и дека на нив учествувале и граѓани кои претходно гласале за неговата Социјалистичка партија.
И покрај политичките тензии, албанскиот премиер рече дека е „многу, многу горд“ што големите протести со денови се одржувале претежно мирно и без повредени. Според него, самата можност граѓаните слободно да протестираат е показател за европскиот демократски карактер на земјата.
Рама истовремено го оспори тврдењето дека демонстрациите го претставуваат расположението на целото албанско општество и оцени дека значаен дел од актуелните демонстранти се поврзани со опозициски партии и политички групи кои се залагаат за соборување на неговата влада.
Посебно се осврна на улогата на социјалните мрежи. Според Рама, „алгоритмот направи многу“ за луѓето да излезат на булеварот, а тој тврди и дека голем процент од содржините поврзани со протестите биле создадени надвор од Албанија.
Албанскиот премиер ја поврза зголемената видливост на протестите на социјалните мрежи и со Џаред Кушнер, Иванка Трамп и контроверзиите околу планираните туристички инвестиции. Според неговото толкување, поврзаноста на проектите со семејството на американскиот претседател Доналд Трамп дополнително го засилила меѓународниот интерес и ширењето на содржините за протестите.
Во однос на проектот во Звернец, Рама не најави повлекување. Тој порача дека проектот нема да биде запрен, но дека Владата ќе спроведе консултации со засегнатите страни.
Протестите започнаа по спорот околу планираниот туристички развој во областа Звернец, поврзан со Кушнер и Иванка Трамп, а потоа прераснаа во пошироко антивладино движење. „UnHerd“ пишува дека дел од демонстрантите сега бараат оставка на Рама, техничка влада и нови избори, додека премиерот ги отфрла оценките дека земјата се соочува со криза на неговото владеење.




