Мостот на „Љубљанска“ готов до крајот на годината, најави Ѓорѓиевски

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска извршија увид во финалната фаза од градежните активности на мостот на улицата „Љубљанска“, кој се очекува да биде ставен во функција до крајот на оваа година, информираат од Град Скопје.
Според градоначалникот Ѓорѓиевски, надминат е долгогодишниот застој кој настана поради потребата од добивање мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар за заштита на локалитетот „Скупи“. Со обезбедувањето на потребната документација и запазувањето на културното наследство, градежните работи продолжуваат. Новото сообраќајно решение ќе ги поврзе улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, со што се отвора нова врска меѓу северниот и западниот дел на градот, подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и Индустриската зона, како и побрз излез кон обиколницата. Ова треба значително да ги растовари булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“.
„Во однос на техничките карактеристики на инфраструктурниот проект, се гради коловоз со ширина од 12 метри кој вклучува четири сообраќајни ленти на вкупна површина од 5.350 квадратни метри. Од двете страни на булеварот се предвидени пешачки и велосипедски патеки со ширина од по два метра. Изградени се потпорни ѕидови во кои се вградени 2.050 кубни метри бетон, поставена е атмосферска канализација во должина од 473 метри, а безбедноста ќе се одржува преку улично осветлување со 40 столбови“, се наведува во соопштението.
Паралелно со овој проект, градските власти најавија и изградба на мега парк во Општина Карпош на површина од 70.000 квадратни метри. Овој нов простор за рекреација ќе добие партерно и хортикултурно уредување, пешачки патеки и урбана опрема, а воедно продолжуваат и теренските активности за целосно расчистување на кејот на реката Вардар.


