БАЛКАНВЕСТИСВЕТ
Во тренд

Голем пожар на Халкидики: Евакуирани стотици туристи и жители, огнот стигна до летувалишта [ВИДЕО]

Голем шумски пожар избувна денеска на грчкиот полуостров Халкидики, принудувајќи стотици туристи и локални жители да бидат евакуирани по копно и по море, јавуваат грчките медиуми и светските агенции. Огнот, поттикнат од силни ветрови, се прошири во близина на туристичкото место Сивири на полуостровот Касандра, каде што во екот на летната сезона престојуваат илјадници посетители.

Според информациите што ги пренесува грчкиот портал „Прототема“, пламените јазици зафатиле шумски површини и се доближиле до куќи и туристички апартмани, поради што властите наредиле итна евакуација на загрозените подрачја. Повеќе од 300 лица биле префрлени со чамци и бродови од крајбрежниот дел на Сивири, во операција во која учествувале крајбрежната стража, противпожарни пловила и приватни бродови.

Во гаснењето на пожарот се вклучени повеќе од 140 пожарникари, девет авиони и седум хеликоптери, кои се обидуваат да го стават огнот под контрола од двете страни на главниот пат што ги поврзува Сивири и Касандрија. Еден пожарникар е повреден, а сообраќајот во дел од областа е прекинат.

Портпаролот на грчката противпожарна служба, Јанис Артопиос, за „Прототема“ изјавил дека приоритет на службите е безбедната евакуација на населението и локализирањето на пожарот.

Халкидики, една од најпопуларните туристички дестинации во северна Грција, ова лето се соочува со зголемен ризик од пожари поради високите температури, сушата и силните ветрови. Според грчките власти, повеќе региони во земјата се наоѓаат под највисоко ниво на опасност од шумски пожари.

Пожарот е дел од поширокиот бран екстремни временски услови што ја погодуваат Европа, каде што топлотните бранови и сушните периоди значително го зголемуваат ризикот од големи шумски пожари.

Back to top button