АРТВЕСТИИМПУЛС
Во тренд

„Фолтин“ го заокружи јубилејниот проект „RE:COMPOSED“: 16 нивни песни добија нов живот низ ракописот на познати музичари

Култниот македонски состав „Фолтин“ официјално го комплетираше музичкиот проект „FOLTIN RE:COMPOSED“, преку кој ја одбележува својата 30-годишнина со 16 нови интерпретации на нивните познати песни, се наведува во најновата информација за медиумите од бендот. Преку соло изведби и музички соработки, низа уметници од земјава и регионот им пристапија на нивните нумери од различни перспективи, отворајќи сосема нови звучни простори.

Во рамките на овој музички роденденски подарок, свои преработки направија бројни познати имиња, меѓу кои Дина Јашари и Горан Трајкоски, Каролина Гочева и Дуке Бојаџиев, Васил Хаџиманов, „Суперхикс“, „Љубојна“, ДЈ Гоце, „Летечки пекинезери“ и многу други. Членовите на „Фолтин“ порачуваат дека не барале од соработниците песните да звучат како нивниот оригинал, туку сакале да слушнат како тие ќе звучат кога ќе поминат низ туѓ музички филтер, дозволувајќи целосна промена на правецот и ритамот.

Последниот збор во овој проект му припадна на Котарашки, познатиот музички продуцент од Софија, кој претходно јавно има признаено дека токму музиката на „Фолтин“ го инспирирала да почне да се занимава со музика. Од бендот истакнуваат дека ова претставува убав начин да се затвори кругот, давајќи ѝ нов живот на една песна во рацете на човек кој во нивното творештво препознал причина да создава свое.

Сите 16 композиции се веќе достапни за слушање на платформите Јутјуб и Спотифај, а се објавени и дистрибуирани под етикетата на домашниот „FILTER Label“. Во соработка со „Password Production“, бендот најавува дека ова музичко патување следната година ќе добие и свое издание на винил, изразувајќи притоа благодарност до сите музичари, до Зоран Кардула за визуелниот идентитет, како и до радио Метрополис каде што нумерите премиерно се емитуваа.

Back to top button