ВЕСТИЕДНАКВИИМПУЛСМАГАЗИН
Во тренд

Колин Фарел истрча маратон туркајќи ја инвалидската количка на пријателката со ретка болест

Ирскиот актер Колин Фарел и Ема Фогарти, жена која живее со ретка и неизлечива генетска болест на кожата, имаат необично пријателство кое трае 15 години. Нивната приказна, исполнета со хумор, тешки животни предизвици и солидарност, е документирана во новиот филм „The Slightest Touch“, кој наскоро ќе биде прикажан на HBO Max.

Холивудската ѕвезда Колин Фарел во 2024 година учествуваше на маратонот во Даблин туркајќи ја инвалидската количка на својата пријателка Ема Фогарти во последните четири километри од трката. Настанот беше организиран за да се соберат средства и да се подигне свеста за епидермолиза булоза (EB), ретка генетска болест поради која кожата станува исклучително кревка и подложна на повреди.

Со оваа хуманитарна иницијатива, Фогарти успеа да собере повеќе од еден милион евра за време на прославата на својот 40. роденден во 2024 година.

Приказната за нивното пријателство сега е преточена во документарниот филм „The Slightest Touch“, во режија на Рејчел Флајт. Во интервју за британскиот „Гардијан“, објавено денеска, двајцата зборуваат за нивната врска, предизвиците со кои се соочува Фогарти и личните искуства на Фарел, кој во филмот открива и делови од својот живот за кои ретко зборувал јавно.

Ема Фогарти има 42 години и е најстарата жива личност во Ирска со формата на болеста од која страда. Кога се родила, лекарите им кажале на нејзините родители дека веројатно нема да преживее ниту една недела.

Кај епидермолиза булоза недостигаат или не функционираат правилно протеините што ги поврзуваат слоевите на кожата. Поради тоа, и најмал допир, удар или триење може да предизвика кинење на кожата и појава на болни рани и плускавци.

Околу 80 проценти од телото на Фогарти е без кожа, а раните постојано мора да бидат заштитени со завои. Секојдневно ја посетува медицинска сестра, а целосната промена на завоите, која се прави секој втор ден, трае меѓу два и четири часа.

„Секоја минута од секој ден е многу тешка. Исклучително боли кога немате кожа. Но, мора да продолжите, затоа што или живеете или умирате. А јас сакам да живеам“, вели Фогарти.

Нејзината болест ѝ одзела многу од животните можности што ги посакувала – од самостоен живот и кариера до можноста да има деца. На 23 години, по скршеница на ногата, морала да се врати во родниот дом. Во 2019 година ѝ била ампутирана левата нога, откако ѝ бил дијагностициран рак на кожата, ризик на кој се особено изложени луѓето со тешка форма на оваа болест. Подоцна се соочила со уште една дијагноза на рак.

Токму по ампутацијата нејзиното пријателство со Фарел станало уште поблиско.

„По губењето на ногата, Колин беше еден од ретките луѓе што ме прашаа: Како си психички? Како е твоето ментално здравје? Мислам дека другите се плашеа да прашаат или едноставно не сакаа“, раскажува Фогарти.

Двајцата се запознале пред околу 15 години на хуманитарна вечера. Вели дека веднаш ги поврзал хуморот и меѓусебното шегување. Нивното пријателство започнало со повремени пораки, а денес Фарел, кога доаѓа од Лос Анџелес во Ирска, редовно ја посетува во нејзиниот дом во Абиилеикс, во округот Лаоис.

„Јас сум девојка од мало место со тешка попреченост, а тој е огромна холивудска ѕвезда. Два сосема различни животи што никогаш не би ги поврзале. Но, некако успеавме да изградиме прекрасно пријателство“, вели таа.

Фарел, кој во минатото ретко зборувал за својот приватен живот, признава дека на почетокот имал дилеми околу учеството во документарецот. Не сакал филмот да изгледа како обид за промоција на сопствениот имиџ или претставување како славна личност која прави добро дело.

„Ние сме пријатели и покрај тоа што Ема има EB и покрај тоа што јас сум славна личност. Едноставно сме пријатели“, вели актерот.

Сепак, прифатил да зборува и за сопствените животни искуства, за да може приказната на Фогарти да допре до пошироката јавност.

Во филмот тој открива дека почнал да пие алкохол на 13 или 14 години, а подоцна се соочил и со зависност од дрога. Се лекувал и останал трезен од декември 2005 година, по снимањето на филмот „Miami Vice“.

Како една од главните причини за одлуката да го промени животот го посочува својот син Џејмс, кој има Ангелманов синдром, ретко генетско нарушување што предизвикува доцнење во развојот и често е проследено со епилептични напади.

„Сфатив дека му треба татко. И повеќе отколку на другите деца, затоа што тој никогаш нема да може целосно да се грижи за себе“, раскажува Фарел.

Документарецот содржи и особено емотивни сцени од неговиот семеен живот, вклучително и момент во кој Џејмс влегува во просторијата каде што се снима интервјуто, се качува врз татка си и го прегрнува.

Фарел, кој во минатото и самиот истрчал два маратона, открива дека учеството на трката во Даблин било сосема поинаков предизвик. Неговата задача била да ја турка количката на Ема, а одговорноста ја чувствувал при секоја нерамнина и дупка на патеката.

„Бев преплашен. Тоа беше огромна одговорност. Бев свесен за секоја нерамнина и секоја дупка“, вели актерот.

Фогарти, пак, открива дека за време на маратонот имала лекови против болки скриени во ракавот, но дека адреналинот и поддршката од публиката ѝ помогнале да ја издржи трката. По маратонот открила рана на коленото, за која смета дека била предизвикана од триењето на фармерките. Биле потребни цели 12 месеци за да зарасне.

Таа инсистирала во документарецот да бидат прикажани и сцените од промената на завоите, иако станува збор за исклучително интимен и болен дел од нејзиното секојдневие. Сакала публиката да разбере дека болеста не е само нешто што се гледа преку завоите на нејзините раце и тело, туку дека зад нив се кријат тешки рани и постојана болка.

„The Slightest Touch“ премиерно ќе биде прикажан на HBO Max на 26 ноември, ексклузивно за публиката во Велика Британија и Ирска.

Поврзани вести

Back to top button