
Партијата ВЛЕН на прес-конференција на Мухамет Елмази упати јавен повик до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција итно да отвори предмет по „допрен глас“. Реакцијата доаѓа по сериозните информации изнесени во печатен медиум, според кои поранешниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми, наводно вршел директен притисок врз една од најголемите европски компании за производство на заштитни огради со цел да ја откаже од учество на тендери во земјава. Од ВЛЕН обвинуваат дека со елиминирањето на европската конкуренција, патот бил свесно отворен за фаворизирање на компанија од Србија, при што се споменуваат милионски суми на јавни пари.
Од партијата потенцираат дека во овој случај не станува збор за обичен тендер, туку за опрема која е директно поврзана со безбедноста во сообраќајот и со човечките животи на патиштата низ државата. Тие јавно прашуваат дали безбедноста на македонските граѓани била ставена на пазар за лични интереси и дали треба да се почекаат нови трагедии за институциите конечно да се разбудат и да реагираат на коруптивните индиции.
Прозивка до Абази за селективен молк и партиски влијанија
Партијата ВЛЕН упати и директни критики до шефот на Обвинителството за организиран криминал, Ислам Абази, поради тридневниот молк на институцијата по првичните медиумски објави.
„Дали Ислам Абази знае дека Обвинителството треба да постапува и по ‘допрен глас’, или чека да слушне што ќе му каже Али Ахмети? Затоа бараме од Абази веднаш да отвори предмет и да ги провери сите информации поврзани со јавните набавки, заштитните огради и милионските суми што се споменуваат во јавноста. Граѓаните имаат право да знаат дали јавните пари биле трошени законски и зошто била фаворизирана српска компанија“, стои во партиското соопштение на ВЛЕН.
На крајот од партиската реакција, ВЛЕН упати обвинувања и до ДУИ, нарекувајќи ги нивните функционери „лажни патриоти“ кои галамат за правата на Албанците само кога се во опозиција, додека додека биле на власт правеле бизнис зделки со српски компании за целосно лични профити. Од партијата децидно порачаа дека нема да дозволат оваа тема да се затвори со институционален молк и побараа од ОЈО веднаш да и соопшти на јавноста какви конкретни чекори ќе преземе.




