Славната битолска група „Фолтин“ ја објави четвртата епизода од својот јубилеен и уникатен музички проект „Re:Composed“. Овој пат, култната и страсна тема „Ела си в кревет“ доби целосно ново, носталгично руво благодарение на изведбата на Hot Jazz Orchestra.
Со оваа преработки, познатата љубовна приказна дише со нов ритам и „свилени тонови“, но ја задржува истата емоција и препознатливо срце.
„Најгласните љубовни изливи се шепотат додека ја вајаме секоја педа од телото. Hot Jazz Orchestra ја соблекуваат ‘Ела си в кревет’ од нејзините вообичаени звуци, облекувајќи ја во свилени, носталгични тонови. Време е за бакнување и создавање ремек-дела. Hot Jazz Orchestra, благодарни сме што ни откривте дека песната знаела барем уште еден јазик“, порачаа од „Фолтин“ по повод премиерата.
Музичко патување кое ќе заврши на винил
Проектот „Re:Composed“ е дел од одбележувањето на големиот јубилеј – 30 години постоење на „Фолтин“ на музичката сцена. Концептот се одвива со распоред во кој секое понеделничко утро премиерно се емитува по еден нов сингл на радио мрежата Metropolis Radio Network, во рамките на утринското шоу „Маја за подварок и менопауза“ со Маја Казакова.
Истиот ден, сингловите стануваат достапни на сите дигитални стриминг платформи (DSP) преку куќата Filter Label.
По завршувањето на оваа серија дигитални објави, за вистинските сладокусци и колекционери целиот албум „Re:Composed“ ќе биде издаден и на винил (плоча), во соработка со продукцијата Password Production. Визуелниот идентитет и дизајнот на овој проект се дело на познатиот уметник Зоран Кардула, додека за анимациите е задолжен Гоце Веселиновски.
Новата верзија на „Ела си в кревет“ е веќе достапна за слушање на сите музички платформи и на официјалниот Јутјуб канал на групата.








