
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) преку писмено соопштение упати остри критики до коалицијата ВЛЕН, обвинувајќи ги за политичка немоќ и сервилност во Владата. Според ДУИ, претставниците на ВЛЕН станале толку слаби што дозволуваат лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, да им поставува ултиматуми и јавно да ги дисциплинира, на што тие одговараат исклучиво со молк.
Од партијата потсетуваат дека токму Димитриевски на почетокот од мандатот на Владата ја наметнал практиката албанските претставници да не го користат националното знаме на официјалните средби. Од ДУИ истакнуваат дека додека тие со закон го легализирале и институционализирале користењето на знамето, денес претставниците на ВЛЕН не се осмелуваат да го постават ниту на својата маса. Тоа, според нив, е разликата меѓу оние што освојуваат права и оние што тивко ги предаваат.
Критики за молкот на Гаши и односот кон Охридскиот договор
Како најнов пример за потчинетоста, ДУИ го посочува однесувањето на Димитриевски за празникот 2 Август, кога тој јавно му се обратил на претседателот на Собранието, Африм Гаши, укорувајќи го како свој политички подреден.
„А што прави Африм Гаши? Молчи. Како и секогаш. Истиот Африм Гаши кој не најде храброст да го брани Охридскиот мировен договор, туку се обиде да ги оправдува оние што го оспоруваат. Истиот што го бранеше Стоилковиќ и од ден на ден го менуваше образложението за прикривањето на видео-снимките, еднаш тврдејќи дека станува збор за лични податоци, другпат дека одговорноста е на МВР“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Партијата заклучува дека на Албанците не им се потребни претставници кои ја наведнуваат главата и го заменуваат институционалното достоинство за фотелја. Од ДУИ порачуваат дека е доста од политиката на сервилност, додавајќи дека молкот на ВЛЕН не претставува мудрост, туку предавање.






