Американскиот претседател Доналд Трамп во своето обраќање пред светските лидери на Генералното собрание на Обединетите нации отворено ја бранеше војната со Иран, која влегува во седми месец, предупредувајќи дека размислува дали да ја „уништи“ оваа земја и да ја испрати „во пеколот“. Истовремено, тој најави и низа радикални геополитички потези, вклучувајќи преземање на безбедноста на Гренланд и контрола врз нафтата на Венецуела.
Во говорот, Трамп посочи дека Иран би можел да постигне договор со САД што ќе ѝ овозможи на нацијата да се обнови, но предвиде дека тоа нема да се случи пред среднорочните избори во ноември.
„Верувам дека ќе постигнеме договор веднаш по изборите, бидејќи нема смисла тие да не го направат тоа“, рече Трамп. „Чекаат да видат како ќе поминам на среднорочните избори.“ Тој подоцна откри дека американски претставници веќе одржале тричасовна средба со ирански официјални лица на маргините на собирот.
Сепак, пред иранската делегација во салата, Трамп не штедеше на закани: „Имам голема одлука за донесување. Дали ќе биде постигнат договор со Иран кој ќе им овозможи да се обноват и да создадат далеку поголема земја отколку што некогаш била… Или да ја уништам Исламската Република и тоа да го направам брзо, не давајќи им повеќе шанса никогаш да убиваат и уништуваат луѓе и земји? Дали да ги испратам во пеколот без шанса за преживување и без надеж за идна големина или генерации?“
Обраќањето доаѓа во момент кога Советот за човекови права на ОН во најновиот извештај утврди „разумни основи за верување“ дека САД извршиле воени злосторства при „неселективните напади“ врз иранско училиште и станбена зона во февруари.
Венецуела, Куба и Гренланд
Трамп објави дека САД склучиле договор за мнозинска контрола врз повеќе од 65 милијарди барели нафтени резерви во Венецуела, откако американските сили го заробија венецуелскиот лидер Николас Мадуро и неговата сопруга, кои сега чекаат судење во затвор во Бруклин.
Нарекувајќи го ова „можеби најголемиот договор некогаш склучен“, Трамп порача: „На победникот му припаѓа пленот.“ Тој додаде дека рацијата во Венецуела е „доказ дека Соединетите Држави повеќе нема да дозволат заканите кон Америка да добијат упориште каде било во западната хемисфера“. Префрлајќи се на Куба, тој рече: „Мојата администрација бара фундаментална промена на ситуацијата во Куба… Таа ќе падне“, по што кубанската делегација демонстративно ја напушти салата.
Дополнително, Трамп најави дека САД ќе ги преземат воените операции и ќе имаат „трајна контрола врз безбедноста“ на Гренланд, преку договор потпишан со лидерите на Гренланд и Данска.
Суперинтелигенција наместо вештачка интелигенција
Зборувајќи за технологијата, Трамп одби да воведе ограничувања за вештачката интелигенција (ВИ), најавувајќи дека во официјалните документи САД ќе го користат терминот „суперинтелигенција“. Според него, зборот „вештачка“ „прави да звучи лажно, а не е лажно. Всушност е неверојатно.“
„Нема да го задушувам растот на нешто што ќе биде поголемо од Индустриската револуција“, порача Трамп. „Ќе ја поттикнуваме, нема да ја скротуваме. Внимателно ќе ја следиме преку Министерството за правда.“
Економијата наспроти анкетите
На домашен план, Трамп ја нарече американската економија „завист на светот“. „Нашата војска е најмоќната на Земјата. Нашата технологија е ненадмината и ние водиме буквално во сè. Целиот свет се издигнува од богатството, силата, духот и моментумот на новоенергизираните и многу моќни Соединети Американски Држави.“
Сепак, анкетата на „NBC News“ покажува поинаква слика – дури 56% од регистрираните гласачи не ја одобруваат неговата работа, а 55% сметаат дека неговите политики ѝ штетат на економијата, особено во услови кога цените на горивата во САД вртоглаво растат поради војните во Иран и Украина.
Ј. Ѓ.










