
Општина Карпош во координација со Град Скопје спроведе обемна еднонеделна инспекциска акција на целата општинска територија, со цел воведување комунален ред и одржување на хигиената на јавните површини. Во теренските контроли спроведени од 19 до 26 октомври учествуваа вкупно 45 инспектори и комунални редари од двете институции, а поради обемноста на работата, општината беше поделена на пет реони во кои се работеше во две смени.
Според информациите од Општина Карпош, инспекциските служби извршиле стотици детални надзори во повеќе области, при што биле изречени голем број санкции. Најголем број прекршувања се забележани во делот на комуналната хигиена, каде што комуналните инспектори и редари извршиле над 420 надзори и изрекле повеќе од 200 глоби за физички и правни лица. При контролите во сообраќајот, одземени се пет сообраќајни дозволи, а биле констатирани низа неправилности и од страна на инспекторите за животна средина, туризам, спорт и градежништво. При реализацијата на акцијата, во одредени случаи била побарана и асистенција од униформирани полициски службеници од ПС Карпош.
Акцијата финишираше вчера со целосна контрола во населбите Бардовци и Злокуќани, каде што беа исчистени повеќе јавни површини и диви депонии. Од локалната самоуправа најавуваат дека засиленото и координирано делување на терен ќе продолжи и во наредниот период, со посебен фокус на урбаната заедница Злокуќани. Истовремено, надлежните апелираат до граѓаните и правните субјекти доследно да ги почитуваат законските обврски и правилно да го одлагаат и селектираат отпадот.










