БАЛКАНВЕСТИСВЕТ

Од дронови до балистички ракети: Грција гради „Ахилов штит“ со Израел за 3,035 милијарди евра

Грција и Израел потпишаа меѓудржавен договор вреден 3,035 милијарди евра за изградба на новиот грчки повеќеслоен систем за противвоздушна, противбалистичка и противдронска одбрана „Ахиловиот штит“. Договорот беше потпишан во Тел Авив, а неговата реализација започнува веднаш, соопшти грчкото Министерство за национална одбрана.

Станува збор за еден од најголемите проекти за модернизација на грчките вооружени сили во последните децении и за најголемиот одбранбен извозен договор досега меѓу Израел и Грција. Израелското Министерство за одбрана го вбројува и меѓу најголемите договори за извоз на оружје во историјата на Израел.

„Ахиловиот штит“ нема да биде еден ракетен систем, туку интегрирана мрежа од повеќе различни системи, радари и единствен центар за команда и контрола, кои треба заеднички да откриваат и пресретнуваат различни видови воздушни закани.

Според официјалниот договор, основата на грчкиот систем ќе ја сочинуваат израелските David’s Sling, SPYDER и BARAK MX, заедно со повеќенаменски MMR радари и нов национален систем за команда и контрола што ќе го развива Rafael.

Од дронови до балистички ракети

Идејата е различните системи да покриваат различни слоеви на воздушниот простор.

SPYDER, произведен од Rafael, е мобилен систем наменет првенствено за одбрана од авиони, хеликоптери, беспилотни летала и други воздушни цели на пократки и средни растојанија.

Верзијата SPYDER All-in-One може да користи повеќе типови ракети, со максимален деклариран дострел до околу 40 километри, во зависност од употребениот пресретнувач. Целиот систем, заедно со радарот, командниот центар и ракетите, може да биде поставен на едно високомобилно возило.

Следниот слој ќе го обезбедува BARAK MX на Israel Aerospace Industries.

Системот може да користи различни пресретнувачи за цели на различни растојанија. Според IAI, семејството BARAK MX покрива дострели од 15, 35, 70 и до 150 километри и е дизајнирано против авиони, беспилотни летала, крстосувачки и тактички балистички ракети.

На повисокиот слој ќе биде David’s Sling, систем што Израел го разви заедно со американската Missile Defense Agency, а Rafael е главниот изведувач.

Израелското Министерство за одбрана го опишува David’s Sling како систем за пресретнување големи ракети, балистички и крстосувачки ракети, авиони и беспилотни летала. Во израелската архитектура тој ја пополнува зоната меѓу системите за пократок дострел и стратешката противбалистичка одбрана.

Еден команден центар ќе ги поврзува сите системи

Клучниот елемент на „Ахиловиот штит“ треба да биде единствен национален систем за команда и контрола.

Наместо секоја батерија да функционира како изолиран систем, радарите и различните пресретнувачи треба да бидат поврзани во една мрежа.

MMR повеќенаменските радари на ELTA ќе служат за воздушно набљудување, откривање и следење на целите, а командниот систем треба да одлучува кој пресретнувач е најсоодветен за конкретната закана.

Тоа е и главната логика на повеќеслојната одбрана: скап пресретнувач со голем дострел да не се употребува против цел што може да ја уништи поевтин систем од понизок слој.

Покрај главниот договор, Израел и Грција потпишале и дополнителен договор вреден 26 милиони евра за системите Drone Dome на Rafael, кои се наменети за заштита на стратешки објекти од беспилотни летала.

Целиот штит треба да биде готов за 35 месеци

Грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас претходно изјави дека системот ќе се испорачува постепено, а целата архитектура треба да стане оперативна во рок од 35 месеци.

Тоа значи дека првите способности може да бидат воведени и порано, додека комплетирањето на целиот „Ахилов штит“ е предвидено за помалку од три години од активирањето на програмата.

Проектот е дел од пошироката реформа на грчките вооружени сили наречена „Агенда 2030“.

Дендиас оцени дека развојот на балистички ракети, беспилотни системи, сателитски комуникации, сајберзакани и хибридно војување ги прави традиционалните концепти за одбрана недоволни.

Според него, Грција се обидува да премине кон нов модел во кој различните системи ќе бидат поврзани и ќе функционираат како една одбранбена мрежа.

750 милиони евра работа за грчките компании

Договорот има и голема индустриска компонента.

Според грчкото Министерство за одбрана, во процесот веќе се вклучени 19 грчки компании, а вредноста на домашното индустриско учество надминува 750 милиони евра, односно повеќе од 25 проценти од вкупната вредност на програмата.

Предвидено е дел од производството, одржувањето и технолошките активности да се префрлат во Грција.

Атина сака проектот да не биде само набавка на готово оружје од странство, туку да создаде производствена база која подоцна би можела да извезува системи и компоненти и во други европски и блискоисточни земји.

Израелското Министерство за одбрана исто така потврди дека договорот предвидува проширување на индустриската соработка, вклучително и трансфер на знаење и технологија кон грчката одбранбена индустрија.

Најголемиот дел од новата грчка воздушна одбрана

„Ахиловиот штит“ треба да ги надополни постојните грчки противвоздушни капацитети и да создаде мрежа способна истовремено да одговори на дронови, авиони, крстосувачки и балистички ракети.

Името на проектот, според Дендиас, не е избрано случајно. Тој потсети дека во Хомеровата „Илијада“, штитот на Ахил бил составен од пет последователни слоеви, што симболично одговара на концептот на современа повеќеслојна одбрана.

Со договорот од 3,035 милијарди евра, Грција прави еден од најголемите чекори во својата програма за воена модернизација, а Израел добива уште еден голем европски корисник на своите системи за воздушна и ракетна одбрана.

Ј. Ѓ.

Back to top button