
Украинската одбранбена индустрија бележи забрзан развој со кој успева самостојно да произведе замена за западното вооружување, овозможувајќи му на Киев интензивна кампања на долгометни напади длабоко во руската територија. Во центарот на оваа воена офанзива е компанијата „Fire Point“, која произведува околу 100 крстосувачки ракети од типот „Flamingo“ месечно и илјадници беспилотни летала, објави британски „Гардијан“ (The Guardian).
Според извршната директорка Ирина Терех, речиси ниту еден значаен долгометен напад изведен во изминатите неколку месеци врз воени и индустриски цели во Русија не поминал без нивните производи.
Поевтина и ефикасна замена за западното оружје
Крстосувачките ракети „Flamingo“ носат експлозивно полнење од 1.150 килограми и се способни да пробиваат бетонски ѕидови. Тие беа искористени за нападот врз фабриката за воени компоненти во Чебоксари во јуни, на оддалеченост поголема од 1.000 километри од првата линија. Поради сложената траекторија на летот за избегнување на противвоздушната одбрана, овие ракети прелетаа дури 1.800 километри.
Цената на една ракета „Flamingo“ изнесува нешто под 600.000 долари, што е значително поевтино од американските ракети „Tomahawk“ чија цена достигнува околу 3.5 милиони долари. Паралелно со ракетите, компанијата произведува и дронови со голем дострел од типовите „FP-1“ и „FP-2“, чија цена се движи меѓу 55.000 и 75.000 долари, а кои интензивно се користат за напади врз руските рафинерии за нафта.
Развој на први балистички ракети и нов ПВО систем
Стартапот, кој започна во 2022 година со само 18 вработени, денес брои над 6.000 работници распоредени во 83 фабрички погони во Украина и еден во Данска. До крајот на годината, компанијата планира да го тестира и првиот сопствен балистички систем.
Покрај тоа, „Fire Point“ е дел од меѓународната иницијатива „Freyja“ заедно со девет европски земји, која има за цел да создаде алтернативен систем за противвоздушна одбрана со значително пониски трошоци во споредба со американскиот систем „Patriot“.










