ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКАХРОНИКА

[ВИДЕО] Разбиена терористичка група во Скопје: Приведени следбеници на ИСИС, запленет арсенал оружје

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Одделот за специјални полициски операции и СВР Скопје, вчера (28 септември) спроведе голема координирана полициска акција во која е сузбиена организирана криминална група од Скопје. Групата била инволвирана во кривични дела поврзани со тероризам и недозволена трговија со оружје. Акцијата е реализирана под раководство на надлежен јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, соопштува МВР.

Постапувајќи по наредби од судија на претходна постапка, полицијата извршила претреси кај шест лица на вкупно 12 локации низ Скопје, при што од слобода се лишени пет лица. При претресите е пронајден вистински арсенал: автоматски и снајперски пушки со рамки, пиштоли, куршуми од различен калибар, тактички елек и радиоврски. Дополнително, запленето е официјално знаме на терористичката организација ИСИС, поголема количина електронски уреди, мобилни телефони и голема сума денарски и девизни пари. Утврдено е и неовластено користење на електрична енергија, за што ќе следат соодветни законски мерки.

Според информациите од МВР, 34-годишниот К.И. уште во 2023 година започнал да дејствува во рамки на злосторничка организација – огранок со идеолошка матрица на ИСИС, планирајќи кривични дела на територијата на државата. Како припадник на ИСИС, тој вршел индоктринација на млади лица, ширел пропаганден материјал со екстремна и радикална содржина и набавувал и ракувал со огнено оружје. Заедно со 24-годишниот Б.А. и 30-годишниот Е.С. формирале група преку која неовластено поседувале, посредувале и тргувале со оружје и муниција.

Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам денеска (29 септември) до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против три лица. Првоосомничениот К.И. (34) се товари за кривичните дела „тероризам“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи“. Останатите двајца, Б.А. (24) и Е.С. (30), добија кривични пријави за нелегалната трговија со оружје и експлозивни материи.

Фото и Видео: МВР

Поврзани вести

Back to top button