ВЕСТИЕДНАКВИ
Во тренд

Европски самит за пристапност во Брисел: Во фокусот примената на европските правила, инклузивната ВИ и дигиталните бариери

Европскиот самит за пристапност 2026 во Брисел ги разгледува примената на европските правила, инклузивната ВИ и дигиталната пристапност.

Европскиот форум за попреченост (EDF), со поддршка на „Мајкрософт“, денеска, 17 ноември, го одржува Европскиот самит за пристапност 2026, кој се одвива во Брисел и онлајн. На собирот учествуваат претставници на европските институции, технолошката индустрија, експерти за пристапност и организации што ги застапуваат правата на лицата со попреченост.

Главната тема на годинашниот самит е практичното спроведување на Европскиот акт за пристапност (EAA), кој почна да се применува во јуни 2025 година и предвидува производите и услугите опфатени со него да ги исполнуваат барањата за пристапност за лицата со попреченост.

Според програмата објавена од Европскиот форум за попреченост, еден од централните предизвици е обезбедувањето доследна примена на европските правила во земјите членки, како и механизмите за надзор и санкционирање при нивно непочитување.

Посебен дел од дискусиите е посветен на вештачката интелигенција и ризикот од алгоритамска дискриминација. Учесниците разгледуваат како да се развиваат ВИ-системи што ќе бидат достапни за сите, ќе користат репрезентативни податоци и нема да создаваат дополнителни пречки за лицата со попреченост.

На панелот посветен на ова прашање учествуваат претставници на „Мајкрософт“, Европскиот форум за попреченост и шпанската фондација ONCE.

Значајно место во програмата има и пристапноста на аудиовизуелните содржини. Со оглед на најавената ревизија на Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги во 2026 година, дискусијата ги опфаќа обврските и можностите на телевизиските куќи, стриминг-платформите и сервисите за споделување видеосодржини.

На панелот се вклучени претставници на „Нетфликс“, „Амазон“ и Европската радиодифузна унија, како и Европската комисија. Во фокусот се пристапните решенија што им овозможуваат на лицата со попреченост да ги следат аудиовизуелните содржини.

Програмата опфаќа и електронски комуникации, отстранување на пречките при користење телефонски и интернет-услуги, како и новите асистивни технологии што можат да ја зголемат самостојноста на лицата со попреченост во секојдневниот живот, образованието и работата.

Во завршниот дел од самитот се предвидени разговор со претставници на „Мајкрософт“ и Комитетот на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, како и презентација на иновации во асистивната технологија.

Самитот го организира Европскиот форум за попреченост, чадор-организација што ги застапува интересите на лицата со попреченост на европско ниво.

Поврзани вести

Back to top button