Институт за демократија: Политичките пречки не смеат да ги стопираат европските реформи, скринингот да не биде само архива

Политичките пречки за отворање на преговарачките кластери не ја спречуваат државата да работи на идентификуваните слабости, а периодот до продолжување на преговорите со Европската Унија треба да се искористи за забрзување на реформите и зголемување на подготвеноста на институциите. Ова е главната порака од денешната анализа на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) кој излезе со препораки за следните чекори по завршувањето на скринингот.
Повеќе од две и пол години по завршувањето на овој процес, од Институтот предупредуваат дека скринингот не смее да остане само архива, туку неговата вистинска вредност лежи во препораките. Иако Европската комисија ги објави извештаите за сите шест кластери, од ИДСЦС реагираат дека на веб-страницата на Министерството за европски прашања сè уште е достапен само извештајот за првиот кластер. Оттука, тие бараат сите документи да бидат лесно достапни на едно место, на македонски јазик.
За ефикасно спроведување на задачите, Институтот предлага создавање јавна и редовно ажурирана матрица која точно ќе дефинира што треба да се направи, која институција е одговорна и во кој рок, како и системско поврзување на скринингот со Реформската агенда и Националната програма во единствена оперативна рамка.
Во однос на преговарачките структури, невладиниот сектор посочува дека јавноста сè уште нема јасна слика дали работните групи по кластери се целосно екипирани и функционални. Од Институтот апелираат овие тела да почнат со работа веднаш, наместо да чекаат политички услови за отворање на кластерите. Според нив, времето на застој треба да се искористи за градење експертиза, анализа на европското право, задржување на обучениот кадар преку финансиски стимулации и засилено застапување на македонските интереси во Брисел.










