АРТВЕСТИИМПУЛССЦЕНА
Во тренд

Фолтин одбележува 30 години постоење со голем јубилеен концерт во Хераклеа

Познатиот македонски состав Фолтин на 29 август 2026 година, со почеток во 20:00 часот, ќе одржи голем јубилеен концерт во античкиот локалитет Хераклеа во Битола, со што ќе одбележи три децении од своето постоење.

Со овој настан, насловен „FOLTIN 30“, воедно ќе биде затворено и овогодишното издание на фестивалот БитФест.

Пред точно 30 години, токму на сцената во Хераклеа, бендот за првпат настапил пред публика.

„Не се враќаме во Хераклеа за да направиме ретроспектива. Се враќаме за да провериме дали пулсот уште чука“, велат од Фолтин.

Јубилејот не го доживуваат само како своја лична прослава, туку како заедничко славење со сите оние кои во изминатите три децении биле дел од нивната приказна.

За концертот е најавена специјална програма која вклучува гости, изненадувања и изведба на песни кои одамна не биле дел од нивниот репертоар.

По завршувањето на официјалниот дел, прославата ќе продолжи со настан наречен „Foltin After“ во „De Niro Catering“ на Краварски пат.

Промоција на двојно винилно издание

Како дел од одбележувањето на јубилејот, Фолтин го најавуваат и двојното винилно издание „FOLTIN LIVE“, кое го опишуваат како своја „звучна монографија“. Материјалот е снимен целосно во живо во Пловдив и Скопје со врвна аналогна опрема, додека винилот е отпечатен во Sony Виена според највисоките стандарди за продукција. Слушачката промоција на винилот ќе се одржи на 26 август со почеток во 19:00 часот, во Галерија Божиновски на Широк Сокак. Настанот има дополнителна симболика бидејќи и „Божиновски часовници и накит“ одбележува 30 години постоење. Присутните ќе можат да го слушаат албумот на специјално дизајнирани звучници изработени од инженерскиот тим на ТЕОХАРОВ, со аудиофилска поддршка на Аудиокултура.

Организаторите подготвија и посебно изненадување: сите оние кои присуствувале на првиот концерт на Фолтин пред 30 години, за време на слушачката промоција ќе добијат бесплатна влезница за јубилејниот концерт на 29 август.

Концертот се реализира во организација на Културно информативниот центар Битола и Општина Битола, а е поддржан од бројни партнери и институции, меѓу кои и Министерството за култура и туризам. Од бендот порачуваат дека прославата нема да заврши тука, туку јубилејната година ќе продолжи со низа музички и издавачки проекти.

Ј. Ѓ.

Back to top button