
Вечерва со почеток во 21 часот, во рамките на Главната програма на Фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“, ќе се одржи долгоочекуваната македонска премиера на новиот документарен филм на Милчо Манчевски, насловен „Добри луѓе“ (Good People).
Филмот се прикажува надвор од главната конкуренција и е веќе овенчан со Наградата за етички идеи. Ова 86-минутно филмско остварување е посветено на една од најголемите трагедии во поновата македонска историја – катастрофалниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани во кој животот го загубија 63 млади луѓе.
Под силниот слоган „Кога добрите луѓе горат во пеколот“, филмот на Манчевски е длабоко и емотивно сведоштво за тагата што останува, но и за силата да се продолжи понатаму.
„Преку гласовите на преживеаните, семејствата и луѓето што несебично помогнале, Манчевски создава интимна рефлексија за загубата, сеќавањето и надежта. Без сензационализам, филмот им дава достоинство на личните сведоштва, претворајќи ги во универзална приказна за солидарноста, човечноста и истрајноста пред една незамислива трагедија“, стои во најавата за документарецот.
Режијата и сценариото се на Милчо Манчевски, директор на фотографија е Иван Ивановски, монтажата е дело на Мишко Чунихин, додека автор на музиката е Игор Василев – Новоградска. Продукцијата е на Милчо Манчевски и „Банана Филм“.







