Коалицијата ВЛЕН преку соопштение упати остри критики кон Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ја опозициската партија дека го присвојува Охридскиот договор како лична сопственост и намерно го попречува Законот за правична и соодветна застапеност.
Според ВЛЕН, ДУИ цели 22 години ја имала власта и можела да го донесе овој закон, но не го направила тоа за да може работните места да ги користи како средство за политичка уцена и контрола.
„Без закон, работните места ги делеа како да се личен подарок од Али Ахмети. Едно работно место – едно семејство како заложник. Ако беше со нив, вратата се отвораше. Ако не беше, остануваше надвор. Токму затоа не им одговараше правичната застапеност да биде право загарантирано со закон“, се вели во соопштението на владејачката коалиција.
ВЛЕН обвинува за злоупотреба на Бадентеровиот механизам
Од ВЛЕН посочуваат дека сега, кога Законот за правична и соодветна застапеност е ставен на маса, ДУИ го блокира и го претвора Бадентеровиот механизам во „партиски камшик“ со кој удира по секое решение кое не е нивно. Тие тврдат дека на ДУИ не ѝ е грижа што добиваат Албанците, туку единствена цел им е ВЛЕН да не постигне успех.
На крајот, од ВЛЕН заклучуваат дека Охридскиот договор не е тапија на Али Ахмети, ниту наследство на луѓето во Мала Речица, туку е резултат на жртвата на цел еден народ. Од коалицијата порачуваат дека правичната застапеност е право на граѓаните и обврска на државата, нагласувајќи дека законот мора да продолжи напред, без уцени и без блокади.





