
Огранокот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во Сарај реагираше на информациите за наводна кражба на финансиски средства од дневниот промет во Јавното комунално претпријатие „НПК Сарај“. Според партијата, доколку се потврдат тврдењата дека парите биле украдени за време на продолжениот викенд од канцеларијата на директорот, тоа претставува еден од најтешките институционални скандали во историјата на Општина Сарај.
Преку прес-конференција, Февзи Ебипи од ДУИ изрази сериозна загриженост поради молкот на градоначалникот Мухамед Елмази, посочувајќи дека граѓаните очекуваат одговорност и транспарентност.
Од партијата јавно упатија низа прашања до надлежните во општината и претпријатието:
Дали безбедносните камери и системот за контрола функционирале во моментот на настанот?
Зошто обезбедувањето не било на своите работни места и кој ќе понесе одговорност?
Колкав е износот на одземените средства и по кој правен основ тие биле чувани во директорската канцеларија?
Дали е прекршен Законот за платежни услуги со чување готовина над максимално дозволениот износ во благајната?
Како е возможно јавна институција да има толку слаб безбедносен систем?
Повик за истрага и политичка одговорност
ДУИ Сарај бара раководството на Општината и директорот на НПК итно да излезат со транспарентна информација за сите околности. Доколку се утврдат пропусти во безбедносниот систем, партијата бара политичка одговорност, нагласувајќи дека одговорноста не завршува само кај сторителите, туку и кај оние кои биле должни да го заштитат јавниот имот.
Воедно, упатен е повик до Министерството за внатрешни работи (МВР) и Јавното обвинителство целосно и непристрасно да го истражат случајот, да ги утврдат сторителите и да проверат дали постојат елементи на „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Граѓаните на Сарај не заслужуваат молк. Тие заслужуваат вистина, транспарентност и одговорност. Никој не смее да се крие зад својата функција кога се доведени во прашање безбедноста на јавните средства и довербата на граѓаните во институциите“, порача Ебипи.





